ММС

Објавено на: 01/19/21 4:34 PM

Земјите со средни и ниски приходи можеби ни до пролет нема да имаат пристап до вакцините против Ковид-19

Во одредени делови на светот започна масовната вакцинација против Ковид-19, но многу земји со среден или низок приход немаат доволно можност за потпишување преддоговори за купување со произведувачите на вакцини и можеби нема да имаат пристап до дозите ни до пролетниот период, јавува агенцијата Анадолија (АА).

Во рамките на механизмот КОВАКС, што Светската здравствена организација (СЗО) го започна за неразвиените и земјите во транзиција да имаат еднаков пристап до вакцините, поделбата на околу две милијарди дози, што до 2021 година би требало да бидат доставени до 92 земји, би можела да започне најрано кон крајот на март.

Вакцинацијата веќе започна во земјите со висок или среден приход, но не и во земјите во потреба во склоп на КОВАКС.

Претходно, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, предупреди на нееднаквост во пристапот до вакцината.

Истакнувајќи дека развојот на ефикасни и сигурни вакцини против Ковид-19 бил голем успех остварен за помалку од година од прогласувањето на пандемијата, Гебрејсус изјави дека светот моментално се наоѓа пред голем предизвик да спречи вакцината да стане нов ѕид на нееднаквост меѓу богатите и сиромашните и вакцините да ги направи надеж за сите луѓе и држави подеднакво.

Тој потсети дека досега во 49 развиени земји на луѓето им се дадени повеќе од 39 милиони дози вакцини, додека од друга страна на една неразвиена земја ѝ се дадени 25 дози.

„Морам отворено да кажам, светот е на раб на катастрофален морален неуспех. Сметката на тој неуспех ќе се плати со животите на луѓето во најсиромашните земји во светот“, изјави тој.

Тој додаде дека сите нееднаквости произлегуваат од билатералните договори што богатите земји ги постигнале со произведувачите на вакцините. Тој наведе дека во 2020 година се постигнати 44 билатерални договори со развиените земји, а оваа година најмалку 12.

Гебрејсус наведе дека давањето предност на билатералните договори го загрозува КОВАКС, чија цел е еднаков пристап до вакцините.

– Билатерални договори: Вакцините ги добива оној што има пари –

Досега договори постигнаа САД, Канада, Бразил, Мексико, земјите членки на ЕУ, Велика Британија, Русија, Индија, Пакистан, Узбекистан, Индонезија, Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Египет, Непал, земјите од блокот на Блискиот Исток, земјите од блокот од Латинска Америка, земјите на Африканската Унија и Турција. Потпишани се договори за преткупување на неколку милиони дози вакцини.

Договорите ги обврзуваат произведувачите на значајна одговорност и побарувачка. На пример, вакцината што германската компанија БајоНТек ја разви со Фајзер е прва регистрирана вакцина во светот против Ковид-19. Моментално е постигнат договор за претпродажба, и тоа со ЕУ 300 милиони дози, САД 200 милиони, Јапонија 120 милиони, Кина 100 милиони, Велика Британија 40 милиони, Мексико 34 милиони, Канада 20 милиони, Јужна Кореја 20 милиони, Австралија 10 милиони, Турција 4,5 милиони дози, со опција за зголемување на 30 милиони до крајот на годината.

Фајзер има намера до крајот на 2021 година да произведе 1,3 милијарди дози. Голем дел од таа количина ќе биде распореден врз основа на билатералните договори.

Од друга страна, многу земји ги резервираа и количините од вакцините што ги развија АстраЗенека и Модерна.

Вакцината Оксфорд-АстраЗенека наиде на побарувачка од Индија во износ од милијарда дози, во ЕУ 400 милиони, САД 300 милиони, Кина 200 милиони, блокот на Латинска Америка 150 милиони дози, Јапонија 120 милиони, Велика Британија 100 милиони, Бразил 100 милиони, Индонезија 100 милиони, Мексико 77 милиони, Австралија 34 милиони, Канада 20 милиони и Јужна Кореја 20 милиони дози.

АстраЗенека планира во 2021 година да произведе две милијарди дози вакцини, а од тоа за механизмот КОВАКС се одвоени само 170 милиони дози.

Кога станува збор за Модерна, САД искажаа интерес за 200 милиони дози, ЕУ за 160 милиони, Јапонија 50 милиони, Канада 40 милиони, Јужна Кореја 20 милиони, а за Катар не е точно утврдено за која количина станува збор. Модерна има намера во 2021 година да произведе меѓу 500 милиони и милијарда дози вакцини.

Покрај тоа, постојат и руската вакцина Спутник V и вакцините на кинеските компании Синофарм и Синовак, за кои траат клиничките испитувања во третата фаза, а започнаа и предвремените нарачки за нив.

– Во Африка се итно потребни вакцините –

СЗО предупреди дека на нееднаквостите за време на распределбата на вакцината најмногу би можеле да бидат изложени африканските земји.

СЗО Африка, во соопштението од 14 јануари, предупреди дека поделбата на вакцината во светот моментално се води нерамномерно. Наведоа дека во последно време се потврдени 25.000 заразени дневно и дека е жална нерамномерната распределба на вакцините.

Во соопштението се наведува дека е планирано во рамките на КОВАКС во 2021 во Африка да бидат распределени 600 милиони дози вакцини, и дека првите дози би требало да стигнат кон крајот на март, а дека во јуни ќе дојде до масовна распределба на вакцините.

– Забрана за извоз од Институтот за серуми од Индија –

Од друга страна, привремената забрана за Институтот за серуми во Индија, кој е најголем светски произведувач на вакцините и е планирано да произведе милијарда дози вакцини за дистрибуција под кровот на КОВАКС, е најважен фактор за одложувањето на дистрибуцијата на вакцините.

Администрацијата на Њу Делхи ја одобри употребата на двете вакцини што таа компанија ги произведе за КОВАКС, под услов да не се врши извоз додека не бидат сигурни дека ранливите заедници во Индија се заштитени. Така компанијата моментално може да ја вакцинира само индиската Влада.

Компанијата потпиша договор за производство на вакцината Оксфорд-АстраЗенека за испорака на КОВАКС и производство на 100 милиони дози на вакцината што ја разви американската компанија Новавакс, а која сè уште не е одобрена за употреба.

Од друга страна, СЗО преговара со компанијата за производство на 300 до 400 милиони додатни дози. Исто така е планирано до крајот на годината, компанијата да го обезбеди КОВАКС со 200 до 300 милиони дози.

Поради забраната за извоз, се предвидува дека првите вакцини ќе стигнат во земјите што напролет ќе ја побараат вакцината во рамките на КОВАКС.

КОВАКС во април 2020 беше започнат од СЗО, со поддршка на Европската комисија и Франција, со идеја дека епидемијата на Ковид-19 може да се надмине само со безбедни и ефикасни вакцини.

Во првата фаза од проектот, планот е да биде вакцинирано 20 отсто од населението од 190 ризични земји.

Предвидено е да се даде приоритет на вакцинирање на 20% од населението во ризик, вклучително и на здравствените работници, старите лица и хронично болните.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.