ММС

Објавено на: 01/19/21 9:56 AM

На рускиот опозиционер Алексеј Навални му е одреден едномесечен притвор

Судот во Русија му изрече на опозиционерот Алексеј Навални мерка притвор во траење од 30 дена, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во судницата на полициската станица во московски Химки вчера е одржано рочиштето на Алексеј Навални, кој руското Обвинителство го товари за повеќекратно кршење на условната слобода што му е изречена на 29 декември.

Адвокатот Владимир Кобзев на социјалните мрежи соопшти дека судот го прогласил Навални за виновен и дека му одредил притвор до 15 февруари.

Навални така ќе остане во притвор сè до изрекување на пресудата во постапката што се води против него во Регионалниот суд во московски Симоноскиј.

На Навални, кој со авион од руски Томск тргна кон Москва, на 20 август 2020 година му се слоши за време на летот поради што авионот слетал во Омск, каде што е и хоспитализиран. Потоа се појави информација дека е отруен со супстанција што му била ставена во чајот.

Од Омск потоа е префрлен во Берлин. По лекувањето во главниот град на Германија, Навални синоќа, по доаѓањето во Москва, е уапсен на аеродромот.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, ја повика Русија веднаш да го пушти Навални.

Слични пораки испратија и шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Германија, Норвешка, Шведска и на други европски земји.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, исто така се огласи на социјалната мрежа Твитер, порачувајќи: „Руските власти мораат да ги почитуваат правата на Алексеј Навални и веднаш да го пуштат. Политизацијата на правосудството е неприфатлива.“

Џејк Суливан, советникот за национална безбедност на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, ја повика Русија да го пушти Навални наведувајќи дека сторителите на нападот врз неговиот живот мораат да одговараат.

Од друга страна, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во објава на социјалната мрежа Фејсбук ги повика земјите што реагираа во врска со ова прашање да го почитуваат меѓународното право, воздржувајќи се од кршење на законот на суверени држави.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.