ММС

Објавено на: 01/18/21 4:33 PM

ЕУ без конкретен одговор кога ќе пристигнат ветените вакцини за Западен Балкан

– Потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович, не беше во можност да каже кога Северна Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против Ковид-19 ветени од ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шефчович повтори дека Европската Комисија и земјите членки го “поддржуваат“ и “стојат во солидарност“ со Западниот Балкан, како и со другите земји од источното и јужното соседство на ЕУ, во борбата против вирусот.

Потпретседателот меѓутоа не беше во можност да одговори јасно на прашањето на МИА кога Северна Македонија ќе ги добие вакцините, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија.

Денеска министрите за европски прашања одржаа состанок во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ кој е закажан за 21 јануари, и разговараа, меѓу другото за кампањата на вакцинација во ЕУ.

Самата ЕУ се соочува со внатрешни тензии поради неефикасна координација помеѓу земјите членки во набавката на вакцините.

Шефчович истакна дека ЕУ е “главен донатор“ на коалиција Ковакс, која има за цел да им помогне на земјите со пониски приходи да добијат вакцини за своето население.

-ЕУ ќе стори сѐ за Ковакс да донесе резултати, изјави Шефчович.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.