ММС

Објавено на: 01/17/21 5:21 PM

Ковачки загрижен што Македонија две ипол години нема највисок воен претставник во НАТО, СДСМ одговара: Срамно е да се биде во Армијата, а да се работи против неа

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е загрижена што Македонија веќе две ипол години нема највисок воен претставник во НАТО. На прес-конференција  за овој проблем, денеска, Драган Ковачки од ИК на партијата, побара одговорност од претседателот Пендаровски и министерката Шекеринска и ги повика да кажат дали се испочитувани процедурите за избор и упатување на лица во мисии во странство.

– Кандидатот што Шекеринска го предложи и Пендаровски го прифати, НАТО го одби. Деновиве, поради безбедносни причини, НАТО ни вратил уште едно лице кое било испратено и работело веќе година дена во Брисел.Шекеринска и Пендаровски испраќаат лица за претставници во НАТО, кои не ги поминуваат нивните филтри. Ова е меѓународен и дипломатски скандал и со него се нанесува штета на угледот на државата, вели Ковачки.

Тој посочи дека процесот на проверка на кандидатите пред нивното упатување е нормален и потребен, но дека е неодговорно да се објави името на кандидатот во јавност пред да ги помине сите проверки.

– Исто така, неодговорно e да го носите тоа лице на средби со министер за одбрана на САД или со генералниот секретар на НАТО. Така правите штета и на лицето и на институциите каде сте го носеле, а пред се и за нас најважно – правите штета на Македонија.Втора работа, далеку понесериозно и неодговорно, е да испратите лице без соодветни проверки на работни задачи во Брисел и после година дена истото да Ви биде вратено поради безбедносни пречки.Трета работа, најзагрижувачка и крајно неодговорна, е што токму кандидатот за највисок воен претставник, внимавајте – бил и претседател на комисијата за избор на лица за упатување во мисии во странство (вклучително и за мисијата на Македонија во НАТО, односно одлучувал за испраќање и на второто лице кое НАТО го врати), рече Ковачки и праша дали оваа ситуација е само случајна и аматеризам, или пак намерна.

Од СДСМ пак одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ само се обидува да го руши угледот на Армијата, а Ковачки според нив, е последен кој може да зборува за довербата на НАТО во државата.

– Членството во НАТО, како и меѓусебната доверба меѓу нас и НАТО, беа недостижни во времето кога Ковачки и неговата партија беа на власт. Тие се сработија токму кога тие заминаа во опозиција, и тоа од владата која толку сакаат да ја плукаат.Срамно е овие теми да ги злоупотребува поранешен шеф на воено разузнавање за ситни партиски поени. Срамно е да се биде во редовите на Армијата, а да се работи против неа и против својата земја. Ја држевте земјата 11 години во изолација, ги држевте војниците на плата пониска од просечната, во бедни услови, заборавивте на НАТО, велат од СДСМ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.