ММС

Објавено на: 01/17/21 1:58 PM

Штипската Клиничка болница очекува да испрати пет млади лекари на специјализација

Штипската Клиничка болница очекува годинава да се реализираат пет специјализации, односно младите лекари, кои веќе се вработени да бидат испратени на специјализација. Директорот на Клиничка болница Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека потребни се специјализации за пет гранки и тоа Инфектологија, Анестезиологија, Неврохирургија, Максиофацијална и Ортопедија. 

Младите лекари, кои чекаат да заминат на специјализација се ангажирани во Ковид центарот и какошто вели Ѓеорѓијев работат како секундарци, односно на помош на постарите колеги специјалисти. Лани поради пандемијата ниту еден млад лекар нема добиено специјализација.

-Ние имаме неколку лекари на коишто им немаме поделено специјализација. Нивните аспирации и нашите желби за специјализации се ставени во таа рамка. Меѓутоа еве да речеме имаше некоја диспропорција, бидејќи се работи за пет годишен план и имаше таму до 2022 година, кога ние како Клиничка болница ќе ги добие специјализациите, вели Ѓеорѓијев.

Посочи дека испратиле барање до Министерството за здравство за корекција, но и порано да се испратат лекарите на специјализации и се надева дека оваа година, овој проблем ќе се испегла со ресорното министерство. Штипската Клиничка болница годинава има можност и одборување за 50 нови вработувања, пред се медицински сестри, технички кадар и администрација, а годинава планирано е вработување на околу пет лекари.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.