ММС

Објавено на: 01/15/21 5:49 PM

Ако ги земе децата немам причина за живот – Отворено со Роберт Ордановски за проблемите во бракот кои ги сподели со јавноста

Фејсбук постот на поранешниот директор на АЕК, Роберт Ордановски во кој ги изнесе валканиците од 18 годишниот брак со сопругата Агнеса, со која имаат две ќерки, предизвика лавина коментари во јавноста. Од тоа дека брачни проблеми не се решаваат вака, до навредливи коментари на адреса и на двајцата сопружници, но и коментари за тоа  зошто беше сето ова потребно и дали пишувајки ги критиките на адреса на сопругата, која ја нарече форошоп барбика, не помисли на тоа како ќе се чувствуваат децата. ММС  го контактираше Орданоски, кој отворено раскажа  како се чувствува, колку е подготвен за цивилизиран развод, доколку љубовта веќе ја нема, дали сето ова мораше да се случи и како децата да се заштитат од трауми. Тој вели дека се започнало од неделата вечер кога сопругата на му соопштила дека не сака повеќе да бидат заедно.

-Во неделата вечерта ми ја соопшти неубавата вест, муабетот траеше три минути. Беше излезена дојде побара да разговараме и рече: „Размислував долго и сватив дека веќе не можеме заедно. Оладена сум. Ќе си ги земам децата, а ти ќе ги гледаш кога сакаш“. Се шокирав и реков:  „Што збориш, по 19 години го кажуваш ова? Кога успеа да се оладиш и кај бев јас дур ти се ладеше. Како не го забележав тој момент. Како така ќе ги земеш децата“. Па јас сум толку приврзан со децата и ако ги земе готово е. Завршува се. Немам причина за живот после тоа. Ова го кажувам најискрено, бидејки не сум фолирант.  Вистина ако ми ги земе, подобро нека земе пиштол и нека ме отепа. Готово. Знам дека беше фокусирана на себе цело време, на нејзиниот изглед и на глупости што мене не ме интересираат, но јас на тие делови од нејзиниот живот не обрнував внимание. Верував во нешто возвишено и мора да сум бил многу наивен и глуп.  Се обидов да направам уште еден разговор, сериозен, здрав, родителски,  дека имаме деца, дека имаме некој живот, кој теба преку ноќ да го смениме.  Не ми влегува во глава. И пракав пораки, пишував како целата оваа ситуација да се реши, да останеме заедно. Ова моево не го викам јас ниско паднато, во некои моменти во животот нема гордост, демек ете ќе се понижам, па ќе ја молам.  Ја молев, не ми е срам да го кажам тоа. И пишав- „Те молам најискрено, за доброто на децата преиспитај ја одлуката, ако сум згрешил ќе се исправам само да најдеме заедничка основа да продолжиме со животов“. Потоа ми напиша- „не ми пишувај повеќе“ и ме блокира.

Дали беше потребно да вадите валканици од бракот во јавноста, притоа не мислејќуредники како тоа ќе влијае на децата?

-Па на роденденот на Вивиен  во моменти на очај го напишав тоа што го напишав без да мислам дека тоа ќе предизвикува внимание. Ама тоа е факт, дека 90 проценти од своето време го посветува на себе, на нејзиниот изглед, на нејзините вештачки трепки, нокти, коса.. Нема вештачки корекции, природно е убава и затоа јас се вљубив. Само ми е поубава кога не е толку многу нашминката. И сум и го рекол тоа. За на Водно саат време се шминка. Со децата сега разговарам цело време, нормален родителски начин. Им кажувам дека можеби нема веќе сите да живееме заедно. Не знам, ќе видиме кога ќе се вратиме.

Што вели Вивиан, поголемата ќерка, која веќе има 17 години и е свесна за многу работи?

-Вивиен е веќе девојка, скромна е, има карактер на мене. Ги прифака работите со рационално размислување. Сепак, за ова не одлучува ниту таа, ниту јас.

Дали се налути за објавата на Фејсбук?

-Не. Со ќерка ми имаме другарски однос. Неутрална е. Ми рече дека не сака да се меша меѓу нас.

Зошто велите дека сте шокиран, сите ние кога сме во врска или брак веднаш сваќаме кога нешто не е во ред?

-Се расправавме за пари, бидејки сега имам многу помали примања и некако нејзиниот стандард на живот не се прилагоди на моите примања, туку продолжи да биде така екстравагантен. Јас тоа не можев да го испратам баш како треба. Имаше трошоци што мене не ми се допаѓаа, па имаме семејство. Јас на мојот изглед никогаш не сум внимавал, облекувам тоа што прво ќе ми дојде до рака.

Тоа што не внимавате на изгледот мислите дека е правилно а нејзиното грешка или..?

-Дека моето е грешка никако не мислам. Не знам кај сум згрешил, што кариерата ми отиде во друг правец? Што веќе не сум директор, па ете бев 16 години.

Со ова што го кажувате испаѓа дека бракот бил заснован врз материјалното, а 18 години брак сепак, не се малку за да биде така..

-Така лугево го сваќаат, сум бил директор и сум бил добар, сега не сум директор и не сум добар.

Па не го велат тоа луѓето,  во постот го кажувате тоа..?

-Мене така ми изгледа, бидејки нема друг проблем. За овие години брак немало никаков проблем или, не дај Боже да сум бил агресивен. Не се случило такво нешто. Ништо не ми е логично ова. За неверство не знам  иако она има  комплетна слобода да прави што сака. Има нејзина кола, јас немам кола имам скутер. Се случувало да биде отсутна. За тоа време додека била отсутна не знам што правела, не сум се занимавал со тоа. Сум си бил дома со децата. А јас  не сум изневерувал, цело време бев фокусиран на работата и фамилијата ми беа секогаш на прво место.  И цело време искачав со нејзиното друштво за да не штрчам со годините.

Како гледате на негативните коментари на ваша и на нејзина адреса по објавата на Фејсбук?    

-Не реагирам на коментарите. Што да правам со нив? „Дебел“, „прасе“ .. Јас сум свесен за својот физички изглед и немам  комлекс. Таков сум роден полничок и цел живот сум.  Порано мислеа дека сум дебел бидејќи сум директор ама еве сега четири години не сум директор и пак сум полничок.  Таква ми е конституцијата, се качувам на Водно и не јадам ама… Кој ме сака таков одлично, а на кому му смета мојот физички изглед нека не ме гледа воопшто.  Јас сум тој. На 52 години што можам да сменам. Да почнам од почеток, да станам манекен… Лани имав сериозни здравствени проблеми и тој момент ми е малку тажен. Имав висок притисок, имав запушена каротидна артерија и која е предуслов за разни ситуации од кои некои се фатални. За коментарите за неа не сакам да ги читам, некои ја поддржуваат, некои. До вчера мислев дека имаме  идеален брак.

Зошто  им дозволивте на луѓето, кои можеби живеат во бетер бракови од вашиот, да ве трачарат и да ви солат памет?

-Јас некако ги иницирав лугето. Сега нон -стоп ми стасуваат коментари, пораки во кои отоврено ми кажуваат за нивните проблеми, ме поддржуваат, ме охрабруваат и јас сум им благодарен. Негативните не ги читам оти се сведуваат на тоа ете се бил директор сега не си, дебел си и тоа е. На тоа не реагирам, не ме тангираат. Интересно ми е што од вчера на социјалните мрежи си го вратила моминското презиме. Не знам зошто се потребни такви нагли и непромислени потези. Сепак, треба да седнеме на сериозен разговор, да видиме што како.

Што ако после се’ сопругата  одлучи да се смирите и да продолжите понатаму. Како, после објавата?

-Не знам, со нејзините последни потези и нејзините одговори на  моите молби и со нејзиното вракање на старото презиме не знам дали постои можност да се смириме. Јас ќе клекнам на колена и ќе молам, што друго да направам. Не ми се разведува и не сакам да живеам без децата. А луѓето што ја знаат, знаат дека е мегаломанка. Тоа не е тајна. Јас не носам брендирана  гардероба. Не возам „bmw 3“.  А постот е напишан во очајна психичка состојба.  Ми стана многу тешко. А факт е дека е мегаломан, ништо не излажав.

Што ќе се случеше ако беше обратно, ако бевте на нејзино место?

-Немаше никогаш да се случи. Јас сум поминал преку 300 глупости и би се жртвувал за да живеам во брак кој можеби не е комплетен за да бидат децата заедно со нас. Но, нема да покажам антагонизам или омраза, не дај Боже, туку ќе бидам добар цело време. Бидејки децата ми се центарот на светот.

Стручните лица би рекле дека не треба да ги вовлекувате децата во вашите расправии, им правите трауми. Што мислите за ова?

-Јас ги вовлекувам?! Па тие допрва ќе доживуваат трауми, кога ќе идеме на суд. Јас нема да се согласам на спогодбен развод, ќе се натегаме. Кај ќе бидат децата? Кај мене ќе бидат, кај неа ќе бидат. Два часа кај мене, па кај неа.. Јас тоа не го сакам. Не можам  да се гледам со децата на два часа. Јас сакам да живеам со нив и тие со мене. Сакам да бидат подготвени на тоа што следува. Како да ги избегнеме траумите не разбирам. Штом дошла ситуацијата до ова, нешто што се градело со години преку ноќ да се сруши, сите ќе имаме последици. Јас ќе ги заштитам на начин што ќе бидам секогаш покрај нив.

Холивудски се разведувате, но каков брак имавте, холивудски или балкански?

-Јас сум растен во традицинално семејство и сакам традиционален брак, заедно  да сме, да разговараме, тоа ме исполнува. Е сега приказните од реалните шоуа некако дојдоа и кај нас. И  што? Ме остави и јас сега да молчам? Нема да молчам. Не ми е повредена суетата, туку сум повреден како човек, како  татко и како сопруг, кој цел живот се борел за доброто на семејството. Се што сум правел за да им овозможам пристоен живот и испаѓа дека таа борба не вредела. Не знам што ќе се случува понатаму. Последните години сме се карале само за пари. Ама  тоа е, ги нема веќе тие пари. Тоа што ме боли многу е што еве сме тука, во Крушево и ако и беше тешко колку што ми е мене ке дојдеше. Тука и се двете ќерки, тука и е сеуште нејзиниот законски маж, ќе направевме муабет и можеби некои работи ќе решевме. Мене ми е чудно,  моите деца да беа некаде и да знам каде се и да не дојдам да ги видам, да не ја видам ќерка ми која има роденден… Не можам да сватам. А голема жртва ли е да дојдеш на роденден на ќерката…


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.