ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/18/18 12:23 PM

Нарушена безбедноста, за еден ден во полошко се случиле 12 сообраќајки

Само вчера на тетовско – гостиварското подрачје се случиле 12 несреќи каде имало 14 повредени. Од СВР Тетово апелираат да се почитуваат сообраќајните знаци, експертите пак сметаат дека и сообраќајната инфраструктура е една од причините за честите сообраќајки во полошко.

Во сообраќајките случени вчера на полошкото подрачје, само три од несреќите завршиле со причинета материјална штета, додека во сите други, последиците биле  далеку посериозни.

Од СВР Тетово велат дека зголемената динамика на патиштата, покрај другото, претставува и една од  причините за сообраќајни несреќи, најмногу како резултат на неприлагодена брзина, односно пребрзо возење, непрописно престигнување или недржење страна.

На поширокото тетовско-гостиварско подрачје, оваа седмица значително велат оттаму е зголемена вкупната сообраќајна фрекфренција, што е карактеристично за втората половина на јули.

Со оглед дека наредниве денови уште повеќе ќе се зголеми фрекфренцијата на возила, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите целосно да ги почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи и да се придржуваат на наредбите и насоките на полициските службеници.

-Секторот за внатрешни работи Тетово веќе во голема мерка ги засили планираните превентивно-контролни активности, во чие средиште е брзината, управувањето без возачки дозволи, техничката исправност на учесниците во сообраќајот, како и паркирањето.Сите прекршители кои ќе бидат откриени во овие активности ќе се соочат со поднесоци и законските предвидените санкции, односно со глоби кои се движат од 20 до 400 евра во денарска противвредност и заштитни мерки, односно забрани од 3 до 12 месеци, рече портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Експертите сметаат дека безбедноста на учесниците во сообраќајот е нарушена и поради лошата сообраќајна инфраструктура, поради која се создаваат гужви и хаос по сообраќајниците.

Инаку во Тетово и покрај многуте ветувања на сегашните и претходните власти, се уште не се пробиени трите главни булевари во градот, а за изградба на обиколница која е повеќе од неопходна, властите се уште не размислуваат.

Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1