ММС

Објавено на: 01/14/21 10:43 PM

Oтворање за заборав, Шведска рутинирано ја порази Македонија

Oтворањето на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Египет беше за заборав. Швеѓаните и повеќе од заслужено и рутинирано ја поразија Македонија со 32:20 и ја покажаат фаворитската улога во групата Г.

Отсуството на деветмина важни ракометари не се одрази претерано врз играта на скандинавскиот состав. Подмладената и исто така играчки ослабена селекција на Македонија не успеа да се справи со „брзиот центар“ и силната контра на декорираниот и искусен опонент. Пред сè менталната неподготвеност и затекнатиот момент на „прва резерва“ на Мундијалот, во голема мера влијаеше врз она што го играа момците на Брестовац во Каиро.

Македонските ракометари и повеќе од солидно го отворија мечот со фаворизираните Скандинавци. Добриот позиционен напад во поголемиот дел од полувреммето вродуваше со плод и ја држеше Македонија во резултатски чекор. Шведска се одлепи на 8:5 и направи серија од 3:0, но нашите играчи брзо се опоравија од серијата на противникот и нивниот „брз центар“ и израмниja на 8:8.

Несигурната игра во одбраната на момент беше прекината со првата одбрана на голманот Митревски во 13-тата минута, откако чуварот на мрежата на португалски Порто го одбрани зицерот на крилото Ване.

Во последните шест минути од полувремето Шведска отиде на плус пет, водство кое го задржи до последниот звук на сирената во првиот дел во Каиро. Моментот на полувремето се случи во последните мигови од двобојот кога Лазаров и Кузмановски изиграа одличен цепелин.

Грешките и недостатоците од првиот дел се префрлија и во вторите 30 минути од средбата. Техничките грешки при изградбата на нападите и дотолку повеќе пробојната одбрана, се покажаа како главни причинители за тешкиот пораз. Швеѓаните ја ставија „ногата на гас“ и релативно експрено предноста од пет ја удоија на десет разлика. Со шест одбрани Томовски беше единствениот кој се издвои од сивилото и го „обели образот“ на репрезентацијата.

Најдобриот стрелец во нашите редови беше Кире Лазаров со пет гола, по два имаа Пешевски, Танкоски, Стоилов, Поповски и Костевски. Кај Швеѓаните, Ване се испостави како нерешлива загатка, постогнувајќи дури 11 погодоци кои му го донесоа признанието „играч на натпреварот“.

Следниот дуел на Македонија ќе биде за два дена против домаќинот Египет.

 

 

 

Фото:

Twitter / IHF

Twitter / Egypt2021EN

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.