ММС

Објавено на: 01/14/21 6:08 PM

Сo средба со Мицотакис, Османи ја заврши еднодневната посета на Атина

Билатералните односи, економската соработка, но и имплементацијата на Договорот од Преспа, биле темите за кои разговарале претседателот на Владата на Грција Кирјакос Мицотакис и министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, според соопштението од кабинетот на грчкиот премиер, јави дописничката на МИА од Атина.

-За време на средбата главна тема на разговорите беше текот на билатералните односи, а особено развојот на економската соработка и поврзувањето на двете земји. Исто така, се разговараше и за европска перспектива на соседната земја. Во овој контекст, Киријакос Мицотакис не пропушти јасно да ја стави до знаење императивната потреба за целосно, доследно и добронамерно спроведување на Договорот од Преспа, соопштија од кабинетот на грчкиот премиер.

-Заокружувајќи ја мојата посета на Грција со плодна дискусија со грчкиот премиер. Реафирмирана важноста на односите меѓу Северна Македонија и Грција и посветеност на целосна имплементација на Договорот за стратешко партнерство. Со нетрпение очекуваме да ја прошириме нашата соработка во сите области од заеднички интерес, напиша шефот на дипломатијата на „Твитер” по средбата со Мицотакис.

Токму со оваа средба, Османи ја заврши еднодневната официјална посета на Атина, за која од МНР соопштуваат дека беше успешна и „преку набиената и амбициозна Агенда, беа реафирмирани заложбите за интензивирање и продлабочување на блиската соработка и реафирмација на процесот на градење доверба меѓу двете земји како пример за добрососедски односи во регионот”.

Шефот на дипломатијата претпладнево беше примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу со која разговараа за напредокот на билатералните односи по Договорот од Преспа, ситуацијата во регионот и европската перспектива на Северна Македонија.

Од претседателската палата Османи замина на средба со неговиот грчки колега, Никос Дендиас со кој потпишаа три меморандуми за разбирање, едниот во областа на цивилната заштита, другиот за дипломатската едукација и меморандум меѓу „Invest North Macedonia” и „Enterprise Greece”.

На заедничката прес – конференција, која поради мерките за заштита од Ковид-19 се одржа со ограничен број новинари, Османи и Дендиас истакнаа дека постои напредок во односите меѓу двете земји, а Северна Македонија и Грција веќе се стратешки партнери.

Се осврнаа и на втората меѓувладина седница што треба да се одржи во следниот период, во зависност од текот на пандемијата.

Османи се сретна и со алернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис, со кој разговараа за европската перспектива, како на регионот, така и на нашата земја.

За денешните средби во Атина со Сакеларопулу, Мицотакис, Дендиас и Варвициотис  од МНР соопштија дека разговорите беа насочени кон динамизирање на севкупните односи меѓу двете земји преку посветена имплементација на Договорот за стратешко партнерство (Преспа), со цел развивање и зајакнување на заедничкото стратешко партнерство.

-Само со заеднички напори можеме стратешко партнерство да го претвориме во долгорочно и стабилно пријателство, што како земји – соседи со сигурност ќе донесе подобар живот за граѓаните на двете земји. Во регионот, добивме нова реалност, докажавме дека сите предизвици можат ефикасно да се решат преку заеднички и координирани напори. Оттука, јас цврсто верувам дека соработката меѓу Северна Македонија и  Грција е дефинитивно нова интегративна моќ за целиот регион, истакна Османи.

На средбите, како што соопштуваат од МНР, беше нагласен и досегашниот активен ангажман на Грција делот на европските интеграции на Северна Македонија, при што беше потенцирано дека земјата остануваа наш доследен поддржувач, еден од главните лобисти и промотори во овој процес, што е од интерес за двете држави, но и од клучно значење за целиот регион.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.