ММС

Објавено на: 01/13/21 11:09 PM

Пациентите од болниците во Британија ќе се префрлаат во хотели за да се ослободи место за случаите со Ковид-19

Илјадници пациенти ќе бидат отпуштени од болниците во Велика Британија, ќе бидат префрлени во хотели или во нивните домови за да се ослободи место за пациентите со Ковид-19 на кои им е потребна интензивна нега за да преживеат, објавија денеска британските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според планот, именуван како „дом и хотел“, за кој сведочи „Гардијан“ (The Guardian), болниците се подготвуваат за предвремено отпуштање пациенти во големи размери за обезбедување дополнителен капацитет за итните случаи.

Одлуката за тоа е донесена откако бројот на пациенти со Ковид-19 на кои им е потребно болничко лекување вртоглаво се зголеми во изминатите недели, достигнувајќи 35.000.

Според официјалните податоци, бројот на случаи на Ковид-19 во последните седум дена изнесува 389.572.

Планот, за кои сведочи „Гардијан“, исто така открива дека Националната здравствена служба (NHS) ќе побара од домовите за нега да почнат да ги примаат пациентите со Ковид-19 директно од болниците и без последен негативен тест, кои поминале изолација од 14 дена и не покажуваат нови симптоми.

„Оние кои ќе бидат отпуштени од болниците порано ќе добијат помош од волонтерски организации, меѓу кои и од Брзата помош „Св. Џон“ и британскиот Црвен крст, како и од медицинскиот персонал на Вооружените сили и кој било слободен персонал во Националната здравствена служба (NHS)“, пишува британскиот весник.

Од пациентите нема да се бара да ја напуштат болницата предвремено доколку сѐ уште медицински се изложени на ризик.

„Ова е за пациенти кои не мора да престојуваат во болница, но сепак треба да бидат во заштитена околина“, истакнува официјален претставник.

„Постои огромен притисок врз Националната здравствена служба и гледаме на сите начини со кои можеме да ја ослободиме од тој притисок“, изјави за „Скај њуз“ (SkyNews) британскиот секретар за здравство, Мат Хенкок.

Запрашан за плановите за „дом и хотел“, Хенкок рече дека тие би го реализирале тоа само „доколку тоа е клинички оправдано за одредено лице“.

„Но, во некои случаи, на луѓето им е потребна секундарна нега, тие всушност не треба да бидат во болнички кревет.“

Тој изјави дека ги разгледуваат сите опции, и дека планот не е конкретен предлог без оглед на сѐ, „туку нешто што го разгледуваме, бидејќи ги разгледуваме и сите непредвидени ситуации“.

Хенкок говореше и за повиците од некои пратеници од Конзервативната партија карантинот да трае до 8 март.

Тој рече дека е невозможно да се знае до кога ќе продолжат ограничувањата.

„Ќе ги држиме ограничувањата на сила до крајно потребниот момент“, додаде британскиот секретар за здравство.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.