ММС

Објавено на: 01/13/21 9:46 PM

Путин го информираше Ердоган во врска со трилатералниот состанок за Нагорно Карабах

Претседателот на Русија, Владимир Путин, го информираше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со трилатералниот состанок одржан во Москва за Нагорно Карабах, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Кремљ, претседателите на Русија и Турција оствариле телефонски разговор и притоа е нагласено дека еден од резултатите на самитот е потврда за намерата за нормализирање на односите помеѓу Азербејџан и Ерменија.

Во разговорот, Ердоган и Путин нагласија дека другиот заклучок е потврдата за отворање на економските и транспортни врски во регионот, како и за подготвеноста за интеракција со цел осигурување на животот во мир.

Се истакнува дека е постигнато усогласување во врска со тоа да се направат низа важни чекори во насока на стабилизирање на општата состојба во околината на Нагорно Карабах.

Според соопштението, Ердоган нагласил дека ги поддржува напорите на Русија за решавање на прашањето за Нагорно Карабах, и дека е за продолжување на координацијата помеѓу Русија и Турција, вклучувајќи го и охрабрувањето на проектите кои овозможуваат заемна корист и економски развој на регионот.

Во разговорот, Ердоган и Путин се осврнале и на сите воени активности во зоната на судири во Нагорно Карабах, како и на формирањето на руско-турскиот Центар за мониторинг на примирјето.

Двајцата лидери се осврнале и на билатералните односи, како и на зголемувањето на заемниот обем на трговска размена и развивање на соработката во значајни области, меѓу кои и заедничкото производство на вакцина и реализирање на плановите за употреба на вакцината.

Во текот на разговорите одлучено е да се продолжи со редовниот дијалог меѓу двете земји на различни нивоа.

Во понеделникот во Москва се одржа состанок меѓу рускиот и азербејџанскиот претседател Владимир Путин и Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никола Пашинијан за прашањето за Нагорно Карабах.

Односите меѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан се тензични од 1991 година кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, територија признаена како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.

На 27 септември минатата година, ерменските сили започнаа нови напади врз населени места и воени позиции во Азербејџан, а азербејџанската армија одговори со операција за ослободување на окупираните региони и успеа да им нанесе големи загуби на ерменските сили и да ослободи неколку градови и над 300 населени места.

Ерменија и Азербејџан на 10 ноември минатата година постигнаа договор за ставање крај на судирите во Нагорно Карабах. Договорот беше постигнат со посредство на Русија и предвидуваше повлекување на ерменските сили од Лачин, Келбеџер и Агдам. Руските и турските мировни сили ќе бидат вклучени во механизмот за мониторинг на примирјето.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.