ММС

Објавено на: 01/13/21 8:34 PM

Финалната битка за Харден помеѓу Нетси и Сиксерси

Без прстен и без титула за франшизата од Тексас која градеше шампионски тим околу него. На тој начин завршува епизодата на Џејмс Харден и Хјустон Рокетс. Тренерските промени, промените во ростерот и случувањата во менаџментот, ја натераа НБА ѕвездата уште во подготвителниот период да побара трансфер во друг клуб.

Сезоната започна, а Харден истрча на паркетот, со некој килограм повеќе од вообичаено, со Рокетси и без волја да се обиде со Казнс и Вол да стигне до конференциското финале.

Изминатите денови шпекулациите за промената на средината се засилија. Новинарот на „The Athletic“, Шемс Харанија, пренесува дека финалната битка за потписот на Харден ќе се води помеѓу екипите на Бруклин Нетс и Филаделфија. Нетси се подготвени да ги понудат сите свои први пикови на драфтот за услугите на „брадата.

Од друга страна, според Марк Штејн, Рокетси се тие кои од другата заинтересирана страна во случајов, го бараат за возврат Бен Симонс и Тајрис Макси.

Како и да е, додека трае сагата и додека не се реализира посакуваниот и очекуван трансфер, тренерот на Хјустон има интенција да го чува Харден надвор од тимот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.