ММС

Објавено на: 01/13/21 7:21 PM

Практиката „државјанство за инвестиции“ во Бугарија не го донесе очекуваниот резултат

Европската комисија ја предупреди Бугарија дека ќе биде казнета поради практиката на доделување државјанство како возврат на инвестициите во земјата, позната како „златен пасош“, иако истата во Бугарија не го даде посакуваниот резултат, известува Агенција Анадолија (АА).

Според истражувањето на новинската агенција „Медијапул“ (Mediapool), од 98 странци кои се стекнале со државјанство како возврат на нивните „големи инвестиции“ во Бугарија, 78 „инвеститори“ ги повлекле своите инвестиции веднаш штом ги добиле своите патни исправи.

Поголемиот број странци, кои, благодарение на бугарскиот пасош се здобија со право да живеат во Европската Унија (ЕУ), како земја која е членка на Унијата од 2007 година, купија државни хартии од вредност за да ја искористат таа привилегија, но ги продадоа своите хартии од вредност штом се стекнаа со пасош.

Според официјалните податоци од бугарското Претседателство и Министерството за правда, 86% од инвеститорите со златни пасоши всушност воопшто не инвестирале во земјата.

На Одделот за државјанство при Министерството за правда на Бугарија сѐ уште се разгледуваат 20 апликации за добивање бугарско државјанство поднесени во последните шест месеци, повторно од страна на лица кои купиле државни хартии од вредност.

Од друга страна, иако има сериозни предупредувања од страна на Европската комисија до Бугарија да ѝ се стави крај на таквата практика, на дневен ред во бугарскиот Парламент сè уште не се дојдени измените и дополнувањата на законот што ги подготви Министерството за правда пред една и пол година.

Продолжуваат кривичните постапки иницирани од Европската комисија за Бугарија, Малта и грчката администрација на Јужен Кипар, поради спроведувањето на практиката на „златен пасош“.

Бугарија, која мораше да преземе одредени мерки поради предупредувањата од страна на Европската комисија, ги откажа правата на државјанство што во 2019 година им ги даде на шест лица по потекло од Русија, Египет, Пакистан и Јордан.

Проблем со „Привилегирано право“

Во меѓувреме, се покажа дека една друга практика за издавање на бугарска патна исправа, именувана како „привилегирано право“, која ги отвора портите на ЕУ, дозволува издавање патна исправа врз основа на неодредени правила.

Се дознава дека во последните 10 години, благодарение на оваа практика која зависи од личната иницијатива на министрите, 142 странци се стекнале со бугарско државјанство „со образложение дека имаат посебен придонес за Бугарија“.

Додека бугарското Министерство за правда одобри 142 од поднесените 236 апликации, идентитетот на лицата што се наоѓаат во оваа категорија се чуваат како „државна тајна“.

„Mедијапул“ објави дека меѓу привилегираните странци, поголемиот број се спортисти, а има и претставници на разни гранки како што се култура, наука, уметност и музика.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.