ММС

Објавено на: 01/12/21 11:53 PM

Погба го однесе Јунајтед на врвот, десетта победа за Евертон сезонава

Преполовеното 18-то коло во Премиер Лигата на самиот почеток донесе возбудувања на теренот и промени на врвот на табелата.

Голот на Пол Погба во второто полувреме по додавањето на Маркус Рашфорд, го однесе Манчестер Јунајтед на првата позиција во најдобрата светска лига и ја направи трката за титула далеку понеизвесна. Првото полувреме го одбележаа низа контроверзи поврзани со ВАР-системот и неговото користење. Oстриот старт на Роб Брејди не беше санкциониран со црвен картон, а стартот во претходната акција на Лук Шо токму над Роб Брејди и по консултацијата со судиите во „Стоукли Парк“ не беше санкциониран со црвен, туку само со жолт картон.

Хари Мегваер во 37-та минута ја погоди мрежата на Ник Поуп, но повторно ВАР стапи на сцена и го поништи погодок на англискиот дефанзивец поради фаул во напад над Ерик Питерс. Вторите 45 минути за нијанса повеќе го задржуваа вниманието. Барнли традиционално со долги топки се обидуваше да ја пробие дефанзивната линија на гостите, додека Јунајтед преку Рашфорд и Марсијал и добрата контра тргнуваше во поход на исклучително важните три бодови. Мини-иницијативата на тимот на Солскјер конечно се исплати во 71-вата минута. Пол Погба со одличен удар го совлада голманот на Барнли и ги „спакува“ трите бода од мечот кој требаше да се одигра на самото отворање во сезоната 2020/21 во Премиер Лигата.

Манчестер Јунајтед со оваа победа излегува на првото место со освоени 36 поени од 17 натпревари, три повеќе од првиот конкурент Ливерпул. Следното коло на „Енфилд Роуд“, Ливерпул го дочекува Манчестер Јунајтед во како што стојат работите, натпреварот на сезоната во оваа кампања.

Екипата на Карло Анчелоти во истиот термин го порази на „Молињу“ тимот на Нуно Еспирито Санто и ја забележа десеттата победа сезонава. Головите на Алекс Ивоби во првиот и Мајкл Кин во вториот дел, беа и повеќе од доволни за победа над опонентот и задржување чекор со водечките Манчестер Јунајтед и Ливерпул.

Мало олеснување и свеж воздух пристигна на „Брамал Лејн“. Шефилд Јунајтед успеа да победа и да ги впише првите три бодови во новата сезона. Жртвата на екипата на Крис Вајлдер беше Њукасл. Играњето со рака во шеснаесетникот, главниот арбитар го окарактеризираше како удар од 11 метри кој ветеранот Били Шарп одлично го изведе и му донесе победа на својот тим од 1:0.

Утрешниот ден во Премиер Лигата нуди два меча, Манчестер Сити на „Етихад“ го угостува Брајтон, а Тотенхем на домашен терен ќе се соочи со лондонскиот ривал Фулам.

 

 

 

Фото:

Twitter


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.