ММС

Објавено на: 01/12/21 9:39 PM

Македонци за прв пат организираа Балкански кавер и талент натпревар- Не вложуваш ништо, а добиваш многу

Факт е дека во годината што измина пандемијата ни ги преврте животите, но за сметка на тоа пак успеа да го извади и најдоброто од нас.

Доказ дека пандемијата ни ја разбуди креативноста е Нена Дулева, која заедно со својот тим одлучила да го организира првиот онлајн Балкански кавер и талент натрпевар. Нена во разговор за ММС откри дека иницијативата за натрпеварот потекнува од Флори Манев (музичар и композитор), а потоа со согласност на Нена и сите останати членови (Александар Талески, Горан Мирковски и Јордан Ѓорески) официјално е формирана група на фејсбук „Balkan cover and talent“ на која се одвива натпреварот.

Иницијативата уште од старт наишла на успех, на што Нена вели: „За ова кратко време имаме повеќе од 16 000 следбеници на фејсбук, над 250 учесници на првиот натпревар и со 2 милиона прегледи на поставените видео кавери на нашата фејсбук страна.“

Целта на натпреварот е да се промовираат многу талентирани пејачи од Македонија кои се неоткриени или едноставно до сега ја немале можноста да го промовираат својот талент.

На прашањето зошто токму онлајн натпревар, Нена вели:

„Во ова тешко време на пандемија, сите наши емоции излегоа на површина, а емоцијата човек најдобро може да ја изрази преку музиката, преку видео, пеење, играње…  На овој начин може да се види сета онаа природа, целиот талент кој го поседува еден човек во целина, но исто и со можностите што ги нудат онлајн платформите се заштедува време, пари и енергија, се што треба да се направи е од дома да се сними едно видео.“

Условите да се учествува на овој натпревар се многу едноставни, а потенцијалните придобивки од него се навистина големи.

„Пријавувањето на натпреварот не бара средства, не треба да бидеш облечен прецизно или да го снимиш каверот во студиски услови, не трошиш пари, не трошиш енергија, немаш никакви давачки, за возврат добиваш бесплатна реклама, бесплатна песна од реномирани автори снимена во професионално студио и шанса да бидеш откриен на музичката естрада“, вели Нена.

На првиот натпревар интересот бил преголем, па од 250 кандидати, тројца биле избрани како победници: Ива Стојкоска (во детска категорија), Драгана Спасовска (во женска категорија) и Кристијан Димовски (во машка категорија).

Поради големиот број на пријавени натпреварувачи, се формирале многу подгрупи, поради што секој следен месец натпреварот ќе биде наменет за конкретна категорија, дел од новите категории ќе бидат за најдобар кавер дует, за најдобар кавер на група, најдобар кавер за +50 год, за најдобар женски кавер, за машки кавер, за најдобар кавер на странска музика и уште неколку други.

Во тек е пријавувањето на кандидати за категоријата најдобар детски кавер до 14 години, а ќе трае до 15 јануари.

Нена и цел нејзин тим, и покрај тоа што имаат други приватни ангажмани, сепак се целосно посветени на овој проект и се во потрага по спонзори со цел да го однесат овој проект на едно сосема ново ниво.

Но се што се случува на интернет има и една друга страна, со оглед на тоа дека онлајн просторот е исполнет со негативни коментари, ниту балканскиот кавер и талент натпревар не беше лишен од таквите коментари, на што Нена вели: „Кога знаеш кој ти е мотивот и кога постапуваш со љубов и чисто срце, негативните коментари можат да се сфатат само како конструктивна критика.“

Со оглед на професионалниот пристап на тимот кон овој натпревар, не се сомневаме дека  конструктивните критики ќе ги претворат во нови, уште попрофесинални изданија на натпреварот во месеците што претстојат.

Македонија е вистинска ризница на таленти, време е да бидат откриени!

 

Христина Спирова


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.