ММС

Објавено на: 01/12/21 3:07 PM

Одрони од камења го блокираа патот Кочани – Делчево

Одрони од камења и земја на десеттина места од претпладнево го блокираат коловозот на магистралниот патен правец Кочани – Делчево, поради што е отежнато одвивањето на сообраќајот. Најголеми проблеми за возачите, кои предупредија на опасноста, создаваат поголеми камени блокови на неколку километри од излезот на селото Истибања, поради што е неопходна голема внимателност за да се избегнат можните незгоди.

– На една од кривините кај Истибања асфалтот е целосно прекриен со камења, поради што сме принудени со возилата да ги обиколуваме преку земјената површина во близина на реката Брегалница. Сепак, потешките камиони и автобусите тоа можат потешко да го направат, поради што возачите треба да внимаваат, особено во попладневните и вечерните часови, истакна Тодор Симеонов, возач од Кочани.

Одроните на патниот правец од Кочани кон Делчево се чести и се предизвикани од интензивните врнежи од дожд и зголемената влажност на почвата.

Во официјалното известување од Авто-мото сојузот се препорачува прилагодена брзина на движење и внимателно управување со возилата поради влага на коловозот и одрони на оваа делница од магистралниот пат А3, како и на патниот правец од Виница кон Берово.

 

Фото:  Архива

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.