ММС

Објавено на: 01/12/21 11:25 AM

ОЈО: Посебни истражни мерки применети се во 103 случаи и 313 предмети на кривично дело

Денеска во Собранието на Република Северна Македонија ќе се одржи 4 –та седница на Комисијата за надзор над справување на мерките за следење на комуникациите, каде ќе се разгледува извештајот на Јавниот обвинител на РСМ за примена на посебни истражни мерки во 2019 година и инормирање за работата, состојбите, плановите и потребите во Оперативно – техничката агенција.

Современите облици на криминалот, а особено тешкиот и организираниот не може да се откријат и обезбедат докази без примена на посебни истражни мерки. Тие се определуваат само тогаш кога е веројатно дека со другите  доказни средства нема да биде возможно и доволно обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка.

Согласно чл.271 од ЗКП јавниот обвинител на Република Северна Македонија има обврска еднаш годишно да достави извештај до Собранието на Република Северна Македонија, за посебните истражни мерки што се побарани во претходната календарска година.

Примената на посебни истражни мерки е прецизно регулирана во Законот за кривичната постапка како и во другите закони (Закон за следење на комуникациите ) и предвидена само во строго определени случаи кога е веројатно дека ќе се обезбедат податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка, а кои на друг начин не можат да се соберат.

Во основните јавни обвинителства во Република Северна Македонија во текот на 2019 година применети се посебни истражни мерки од чл.252 од ЗКП во вкупно 103 случаи против 338 лица со утврден идентитет, 17 лица со неутврден идентитет и 313 предмети на кривично дело.

За компарација, во 2018 година во сите основни јавни обвинителства применети се посебни истражни мерки од чл.252 од ЗКП во вкупно 95 случаи против 317 со утврден идентитет и 551 предмети на кривично дело.

Доколку се изврши анализа на бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2019 година, со бројот на спроведени посебни истражни мерки во текот на 2018 година, може да се констатира дека во текот на 2019 година постои зголемување на бројот на спроведени посебни истражни мерки, во однос на 2018 и тоа од 95 случај на 103 случаи што значи зголемување од 8,4%. Исто така, бројот на лица со утврден идентитет против кои се применети мерките е зголемен од 317 лица во 2018 година на 338 лица во 2019 година, или од 6,6%. Во делот на мерките кои се применуваат према предмети постои значително намалување и тоа од 551 предмети на кривично дело во 2018 година на 313 предмети на кривично дело во 2019 година или 43%.

Како за пример ќе ја наведеме Мерката од член 252 ст.1 т.1  односно Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон.

Како што стои во извештајот за примената на посебни истражни мерки во 2019 година, оваа мерка е применета во вкупно 39 случаи, против 148 лица со утврден идентитет, и во 13 предмети во кои се применува мерката – телефонска линија која ја користи непознато лице во моментот на спроведување на мерката.

Како резултат на доказите прибавени од примената на посебните истражни мерки во 12 случаи  против 63 лица се донесени Наредби за спроведување на истражна постапка, по што за 2 лица Наредбата за спроведување на истражна постапка е отстапена на друго основно јавно обвинителство, за 3 лица е запрена истражната постапка бидејќи не се обезбедени доволно докази, за 3 лица истражната постапка е прекината, против 50 лица се поднесени обвинителни акти, во 3 случаи за 8 лица се донесени пресуди врз основа на спогодба по подигнато обвинение, против 96 лица постапката е запрена поради тоа што не биле обезбедени доволно докази или поради претек на времето за кое е определена мерката и за 27 лица мерката е во тек.

Доколку се направи споредба во однос на 2018 година кога имало 43 случаи против 194 лица, во 2019 година постои намалување од 10% кај случаите и 23% кај опфатените лица со утврден идентитет. Видно е и намалување на времетраењето на примената на оваа мерка како и ефикасноста во однос на понатамошно процесоирање на случаите.

Во заклучокот од Извештајот за примената на посебни истражни мерки во 2019 година од Јавниот обвинител стои дека со примена на посебните истражни мерки зголемена е ефикасноста на органите на кривичниот прогон во борба против организираниот криминал и корупција.

„Забележително е дека примената на посебните истражни мерки во текот на 2019 година има благ тренд на зголемување во однос на 2018 година, но сепак се движи во рамките на просекот на минатите години.Карактеристично е дека во однос на 2018 година примената на овие мерки  во 2019 година била поефикасна, времетраењето на примената на мерките е намалено и  поголем број случаи завршиле со понатамошно процесирање, отварање на истрага и подигнување на обвинение“, стои во заклучокот од Извештајот за примена на посебни истражни мерки во 2019.

Г.Д

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.