ММС

Објавено на: 01/11/21 10:56 PM

(ФОТО) БиХ потклекна во Скопје, македонските одбојкари успешно тргнаа кон ЕП

Можеби малку потешко од очекувањата, македонската одбојкарска репрезентација на квалификациониот турнир за Европското првенство во Скопје ја совлада Босна и Херцеговина и успешно го започна циклусот за големото натпреварување.

Стартот на мечот не беше сјаен. Босанците изглегоа мотивирано и без страв пред фаворитот и во најголемиот дел од сетот го контролираа резултатот. Сепак, нашите момци не се предадоа и заостанувањето од седум поени разлика (15:8) го анулираа на крајот спасувајќи три сет топки и добивајќи го воведниот судир со 27:25.

Иако резултатот во вториот сет не го манифестира јасно тоа, одбојкарите на Македонија ослободени од првичниот притисок успеаа да се справат со босанската селекција која беше подготвена за надигрување и не се согласуваше со тоа да биде „топовско месо“. Сепак „топџиите“ Љафтов, Ѓорѓиев и Милев решија да стават до знаење кој е поквалитетниот противник во дуелот и да го освојат сетот со резултат 25:21.

Koга се мислеше дека момците на Матијашевиќ рутинирано ќе го приведат мечот кон крајот, се појави одличниот Ади Османовиќ и го намали водството на Македонија на 2:1 (23:25).

Во четвртиот сет работите се вратија во својата нормала. Одбојкарите се консолидираа и го поправија впечатокот, па со 25:19 ја окончаа важната победа пред преостанатите двобои во групата.

-Знаев дека ќе биде тешко. Противникот беше непознат за нас, не изненади на почетокот и игравме тешко. Доколку сакаме да успееме да се квалификуваме, треба да подобриме многу елементи во нашата игра. Верувам дека против Турција ќе биде полесно“, рече македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, кој беше најефикасен играч на мечот со 29 поени.

Македонските одбојкари утре ќе одмараат, а ден потоа ќе се судар со Турција и репетиција со БиХ во четврток. Петокот е предвиден за уште една пауза, додека пак во сабота следи повторен дуел со репрезентацијата на Турција.

 

Фото:

Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.