ММС

Објавено на: 01/11/21 9:55 PM

Не мора сите да знаат колку е нечисто, сакам да бидат воодушевени од Македонија – Со Билјана Јаневска, претставничка на Miss Tourism International

Македонија е најубавата земја на светот. Изобилува со прекрасни планини, природни езера и реки, а овде е и балканскиот Ерусалим, Охрид. Во Македонија е снимен и филмот „Медена земја“, кој доби номинација за Оскар. Вака накратко, скопјанката Билјана Јаневска ги доловува убавините на својата татковина, кои ќе ги  брани на годинашното издание на интернационалниот натпревар за Мис туризам.

Впечатоците за природните македонски убавини, оваа скопјанка ги сумира во кратко видео снимено за потребите на натпреварот, чиј домаќин е Малезија. Поради условите со пандемијата, натпреварот годинава се одвива онлајн, а секоја претставничка требало да сними видеа во кои ќе се претстави и себеси, но и убавините на својата држава.

Што значи учеството на еден ваков натпревар и колку тој може да придонесе за развојот на туризмот, се дел од прашањата на кои Јаневска одговори за читателите на Македонски медиа сервис.

„Превозбудена сум, нит сум спиена, нит сум јадена. На натпреварот има 31 земја, моето учество се случи сосема спонтано, но направивме бум со гласовите. Почетокот на натпреварот се одложуваше поради короната бидејќи патувањата беа забранети, па се’ почна да се одвива виртуелно“, вели Јаневска за ММС.

„Еден ден пред да одам на работа ми се јави мојот менаџер Олег и ми рече да се подготвам и за еден час на бидам на плоштад. Кога стигнав таму дознав дека треба да снимам три видеа, но воопшто не знаев дека тие треба да се пратат кај организаторите на натпреварот во Малезија. Менаџерот не сакал да ми каже за да не паничам. Не ни знаев дека сум претставничка на Македонија“, раскажува младата убавица.

Првото видео што го снимила во центарот на Скопје било за да се претстави себеси, во второто раскажала со што изобилува не само градот туку и Македонија, а веќе во третото била снимена на кастинг прошетка облечена во елегантна креација.

Јаневска освен што се занимава со манекенство, е и магистер по екологија па ја прашавме колку и’ пречи загадувањето и дали било тешко тоа да се избегне при снимањето, бидејќи аерозагаденоста овде веќе ни е секојдневие.

„Беше тешко да се одбегне загаденоста, тешко е да се избориме со тоа, но и општо луѓето немаат навика да ја заштитат животната средина, нема поттик да се заштити средината. Нечистотијата ни е хаотична. Ние мора да се избориме со тоа, но не мора сите да знаат за тоа. Затоа ја претставувам државата, да си ја претставам татковината на убав начин, да дојдат луѓето и да ја доживеат со прекрасни емоции. Кога ќе помине пандемијата сакам нешто да промениме во нашето Скопје и луѓето кои ќе дојдат да бидат воодушевени“, ни изјави Јаневска.

„Сепак, сметам дека Македонија може да биде прекрасна дестинација за туристите и бидејќи ми е чест што ја претставувам ќе се обидам да го оправдам тоа“, додаде таа.

Гласањето на натпреварот се одвива виртуелно преку социјалните мрежи, чии корисници имаат рок до недела за да ја поддржат убавицата со потекло од Скопје.

„Вирутелно се гласа и ова лобирање е многу тешко, постојано сум на социјалните мрежи. Ќе има гласови од корисниците на социјалните мрежи и од жирито. Се гласа со лајкови. Откако се објавија учесничките се објавија и видеата со кои се претставивме и до 17 јануари ќе може да се гласа со лајкови. Досега имаме 15 илјади лајкови, коментарите не можам ни да ги бројам веќе, има навистина многу. Во недела жирито ќе се вклучи директно и во жирито ќе бидат вклучени претставници од брендови, од филмската, модната индустрија. Во 20 часот се вклучуваме на страната и ќе видиме кој ќе добие најмногу поени. Не знам наградите какви се, но знам дека недела е финалниот ден за да се знае кој ќе ја носи круната на ова гласање“, возбудено вели Билјана.

Инаку таа работи во приватна фирма и вели дека тешко се балансира помеѓу професионалните и обврските што и’ ги наметнува манекенството. Сепак, тврди дека има голема поддршка и бодрење од страна на колегите, а тоа сега и’ е потребно од целата јавност за да може на Македонија да и’ донесе нов меѓународен успех.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.