ММС

Објавено на: 01/11/21 7:24 PM

Жените сакаат да ги скокотка убав „брк“- Златан Стојчев 20 години негува долги мустаќи

Цели 20 години мустаќите се дел од неговиот имиџ. Златан Стојчев од кавадаречкото село Сопот,  две децении е препознатлив по своите мустаќи. Вели дека тоа му причинува задоволство, а посветува големо внимание на нив.

„Во првите години имав нешто пократки мустаќи, како Гоце Делчев, но потоа решив да ги пуштам подолго. Едноставно пријатно се чувствувам со нив. Посветувам голема хигиена, бидејќи  тоа е неопходно за да имам долг брк, но и да си го чувам здравјето“ рече за ММС, Стојчев.

Тој исто така ни раскажа дека со секое миење на забите, ги мие и мустаќите. Бидејќи е активен земјоделски производител, на негата внимавал и додека е на лозовиот насад.

„Негата на мустаќите мора да е континуирана. И кога работам на нива,  јас внимавам на хигиената. Посебно кога береме грозје, сокот од него знае да ми направи проблем, бидејќи доста е леплив. Но јас со мене си носам кофичка и чиста вода, па морам да ги измијам неколку пати во денот“ открива Стојчев.

Вели дека долги години е „скаран“ со цигарите, па сега доминира белата боја на неговите мустаќи. На нашето прашање, дали неговата сопруга негодува поради долгите мустаќи, Златан со насмевка искоментира, дека жените сакаат кога ги скокотка убав мустаќ.

„Јас сум позитивен човек. Секогаш сум прифатен во друштво, бидејќи знам да се шегувам. Моите пријатели велат дека добро ми прилегаат мустаќите“ додава Стојчев.

Тој иако обожува долги мустаќи, вели дека брада не сака и затоа никогаш немал пуштено. Засега немал план да ги скрати, затоа што тоа било  дел од него, неговиот лик и секојдневие.

Златан Стојчев и е познат на јавноста и како претседател на здружението “Тиквешки лозаро овоштари“.

 

Ангел Данов

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.