ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/11/21 5:50 PM

Средба меѓу Путин, Алијев и Пашинјан за Нагорно Карабах во Москва

Во Москва започна состанокот за Нагорно Карабах меѓу рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Путин во изјавата дадена за медиумите пред да започне трилатералната средба во палатата „Кремљ“ им се заблагодари на Алијев и Пашинјан што стигнале во Москва.

Путин, истакнувајќи дека чекорите на Русија за посредување во Карабах имаат за цел да обезбедат стабилен прекин на огнот во регионот, нагласи: „Договорот за прекин на огнот постигнат од Русија, Азербејџан и Ерменија продолжува да се спроведува доследно. Ситуацијата во Нагорно Карабах е стабилна, 48 илјади бегалци веќе се вратија во регионот.“

Тој наведе дека се создадени неопходните предуслови за сеопфатно решавање на конфликтот во Карабах.

„Русија со сите чекори што ги презема се обидува да ги следи основните принципи утврдени од групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Со нашите партнери продолжуваме постојано да се консултираме за нашите чекори.“

Путин подвлече дека вниманието на состанокот во Москва ќе биде насочено на важноста за одредување на рамките на договорот постигнат за Нагорно Карабах на 10 ноември 2020 година.

„Прашањата поврзани со активностите на руските мировници се разјаснувањето на граничните линии, решавањето на хуманитарните проблеми и заштитата на културното наследство. Особено е важно прашањето за економските, трговските и транспортните врски и отворањето на границите. Се предвидува работата на овие прашања да ја спроведува формираната заедничка работна група под претседателство на вицепремиерите на Русија, Ерменија и Азербејџан“, нагласи претседателот Путин.

Рускиот лидер, исто така, рече дека се надева оти неговата средба со Алијев и Пашинјан ќе биде позитивна и ќе придонесе за решавање на ситуацијата во Карабах.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1