ММС

Објавено на: 01/9/21 1:40 PM

(видео)Како работници ќе се натпреваруваме со работната сила од десетици држави – Вакнин за ефектите од глобализацијата

Универзитетскиот професор Сем Вакнин во интервју за „Стадион“ на Канал 77 ги анализира последиците од пандемијата по работните навики, работната сила и односот на големите корпорации. Вакнин вели дека пандемијата ги засили веќе почнатите трендови на работа од дома и автоматизација.

-Веќе имаме ситуација во која повеќето технолошки гиганти – Твитер, Гугл, Фејсбук – најавија дека по завршувањето на пандемијата, најголемиот број од нивните вработени ќе работат од дома и се откажаа од своите канцеларии. Тоа ќе има огромно влијание на комерцијалното градежништво и комерцијалните недвижнини. Канцеларискиот простор ќе исчезне. Околу половина од работната сила ќе работи од дома. Се разбира, тоа ќе ги намали социјалните интеракции и ќе ја зголеми атомизацијата во општеството, а луѓето ќе се обидат да компензираат преку дружење по работата и со зголемено слободно време. Работата ќе стане еден вид флексибилно време. Со други зборови, луѓето ќе работат во секое време на денот, секако и ноќта, но ќе земаат паузи во кои ќе се трудат да стапат во интеракција преку дигиталните платформи или да се дружат лице-в-лице. Работата нема повеќе да биде континуирана. Со порастот на автоматизацијата и „далечинското“ работење, ќе расте и глобализацијата. Електронските средства ни овозможуваат да ја аутсорсираме работата на работници каде било во светот. Не мора да бидеме во истата земја. Така работодавачите, големите мултинационални компании, како и мали и средни претпријатија, ќе можат да најмуваат луѓе, преку канали за „далечинско“ работење, секаде во светот. Глобализацијата ќе стане особина на секојдневниот живот на сите нас, од нашето искуство. Како работници, ние ќе се натпреваруваме со работници, од истата професија, од десетици други држави. Тоа ќе не принуди да бидеме што е можно поквалитетни работници. Ќе не принуди да инвестираме во целоживотно усвојување на нови вештини, да учиме, да го збогатуваме нашето знаење. Да инвестираме во нашите способности, во професијата. Мора да станеме подобри ако сакаме да се натпреваруваме со тој глобален резервоар на работници, вели Вакнин.

Според него, многу мало малцинство ќе заработува огромни плати додека околу 90 отсто од целата работна сила ќе бидат неквалификувани работници со ниски приходи. Првите ќе имаат универзитетски дипломи, високо образование, и тие ќе реинвестираат во нови вештини во текот на целиот живот.

-Работната сила ќе биде поделена на два сегменти. Околу 90 отсто од целата работна сила ќе бидат неквалификувани работници со ниски приходи, и тие ќе работат на работни места „без излез“. Она што се нарекува „мек-работа“, како работата во Мекдоналдс. Тоа ќе биде типичното работно место во иднина. Автоматизацијата, компјутерите, и елитата ќе ги преземат работните места што бараат „мозок“ и интелект. Она што ќе им преостане на другите се работни места „ќор сокаци“ за кои не се плаќа скоро ништо. Минимална плата од која не може да се живее. Плата од која не можете да живеете. Нема да се вложува во образование и во стекнување вештини. Така ќе изгледа пејсажот за работната сила во иднина. Многу мало малцинство ќе заработува огромни плати. Тие ќе имаат универзитетски дипломи, високо образование, и тие ќе реинвестираат во нови вештини во текот на целиот живот. Значи, постојано ќе се преквалификуваат, вели Вакнин и продолжува:

-Тие ќе бидат и многу попретприемачки настроени. Голема е веројатноста дека тие ќе основаат нови компании или корпоративни субјекти и потоа ќе ја користат како предност интелектуалната сопственост, што ќе им носи огромни профити. Приходите ќе гравитираат кон таа мала група. Богатството ќе се концентрира кај таа мала група и тие ќе ги инвестираат парите во финансиски капитал. Членовите на таа елита ќе ги најдеме во неколку индустрии. Во малопродажбата, во високите технологии, и во финансиските услуги. Во тие индустрии ќе има многу богати луѓе, со многу високи плати, со многу високо образование. Тие ќе бидат елитата и тие ќе ги инвестираат своите пари на пазарите на капитал, а тоа ќе предизвика создавање на меури од сапуница. Веќе го видовме тоа за време на пандемијата. Додека економијата колабираше, додека десетици милиони луѓе се најдоа без работа, додека десетици милиони луѓе преминаа во редовите на сиромашните, додека сиромаштвото расте експоненцијално, додека милиони умираа, додека исчезнуваа цели индустрии, како што е индустријата на малопродажба, авиопревозот, угостителството, додека се одвиваше тоа уништување, тоа апокалиптично сценарио, берзите пораснаа до рекордни нивоа. Цените на акциите на берзите пораснаа, а берзите рушеа нови рекорди со секој нов ден.

Зошто? Затоа што парите на елитата, парите на економската елита се инвестирани на берзата. Берзите повеќе не се одраз на реалноста. Не се одраза на производството или земјоделството, или работничката или средната класа, или дури ни пензиските фондови. Берзите сега се ексклузивен резерват, игралиште за мултимилијардерите и екстремно богатите. Тука ја гледаме дивергенцијата, распаѓањето на глобалната економија на два меѓусебно исклучувачки делови што немаат никаква меѓусебна интеракција. На една страна е економијата на екстремно богатите, а на другата е економијата на сите нас што преостануваме. Економија на едниот процент, и економијата на 99 проценти. И ако ни треба барометар за економијата на едниот процент, тоа е берзата. А сите останати се премногу сиромашни за да можат да си дозволат да јадат. Многумина од нив стануваат бездомни, болни и умираат , вели за „Стадион“ на Канал 77, Сем Вакнин, професор по финансии – конзорциум на универзитети ЦИАПС, поранешен советник во македонската влада.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.