ММС

Објавено на: 01/9/21 12:21 PM

Видео: Бројките објективно се намалуваат, но не треба да се опуштиме – алармира директорката на Инфективна, Стефановиќ

Можностите  и капацитетите за тестирање не се воопшто намалени, потребата се намалува и тоа пред се’ почнува од матичните лекари што ги индицираат тестирања. Бројката се намалува, а капацитетите и понатаму се исполнети, но ние немавме други предвидувања затоа што на Клиниката секогаш ќе имаме сконцентрирани пациенти од цела држава. Ова го изјави денеска директорката на Инфективната клиника-Скопје, Милена Стефановиќ.

Таа гостуваше во денешното издание на емисијата „Стадион“, истакнувајќи дека бројките на заразени објективно се намалуваат. Сепак, таа предупреди дека не треба да се опуштиме во однос на почитувањето на заштитните мерки, но и во однос на планирањето на развојот на пандемијата.

„Едно е сигурно, дека бројките што ги известуваме се апсолутни од првиот пациент што влезе во државата како позитивен. Има еден многу логичен тек на бројки, падови и порасти. Тоа не можам да го гарантирам за бројките од регионот, но кај нас текот е логичен. Пандемијата не може да се спореди со ништо што сме искусиле до денес, јас белиот мантил го носам 25 години и сум била лекар во повеќе различни епидемии. Треба да се биде сериозно внимателен во однос на прогнозите што се даваат и да не очекуваме дека со некое магично стапче ова ќе исчезне“, потенцира Стефановиќ според која, уште долго ќе има пациенти кои ќе се лечат од ковид-19. Затоа, посочи таа, ќе треба да се направи реорганизација со сите медицински капацитети, што секако е нешто кое се планира.

„Јас поеќе пати изјавив дека не верував оти вирусот толку брзо ќе стигне до Македонија, но и дека ќе има вакви димензии. Екипираноста и подготовеноста ја имаме уште од периодот кога имавме информации за  Вухан. Размислувавме за протоколите и ние сето тоа денес го следиме и менуваме. Пандемијата докажа дека е се’ возможно и работите не може да се исти од почетокот до крајот.  За разлика од економијата, во пандемијата кога имате вака нешто ново, не може се’ да испланирате предвреме. Мора да сте способни проблемите да ги решавате во од и многу осмислено да изнаоѓате решенија. Нашата Клиника е научена на заштитна опрема, тука не владеат стравови како кај другите. Имаме сериозно добри протоколи и системи, од грип до ебола.  Персоналот многу долго остаан заштитен од ковид и во првите 5 месеци имавме минимално заразени од персоналот“, додаде директорката.

Таа вели, кој ќе каже дека не е тешко, ќе излаже.

Стефановиќ сподели дека персоналот на секое ниво веќе е многу уморен, но смета дека нема друга опција, зашто битката продолжува.

„Медицината и се’ што беше овозможено како искуство од поголемите центри  со повеќе пациенти ние го собравме. Нашето искуство исто така е богато и продолжуваме со третман. Многу е потребно и од здравствен и од економски аспект за бројката да може да опадне“, која предупреди и на влијанието на глобализацијата.

„На глобално ниво веќе ќе недостигаат лекови, бидејќи и производството се случува негде во светот на место што е исто така оптеретено“, алармира директорката.

Одговарајќи на прашањето какви се нејзините прогнози, таа објасни дека секогаш треба да се гледа со оптимизам на животот, но и да се биде сериозно  рационален.

„Не е фарса дека треба да се користи заштитната опрема, туку е неопходно. Ако бевме попослушни подобро ќе ја одигравме играта. Популацијата не треба да се плаши, но треба сериозно да се придржува до она што го кажуваме. Секој професионалец треба да го даде своето знаење. Маските ќе ги симнеме, но сега не е време за тоа. Чистата маска користена така како што се инструкциите ќе треба да ја користиме уште некое време“, заклучи Стефановиќ во денешното издание на емисијата „Стадион“.

На крај таа додаде дека спасот на светот лежи во вакцинацијата, чиј пак увоз е специфичен бидејќи бара сериозност како во купувањето, така и во чувањето на вакцините.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.