ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 01/6/22 1:00 PM

За Бадник и Божиќ важна е духовната трпеза, не новокомпонираните традиции – Со Отец Бобан Митевски во чест на христовото раѓање

Денес е Бадник денот пред Христовото раѓање, ден пред Божиќ. Денеска се радуваме, споделуваме љубов, и желби за здравје. Бадник е и денот кога завршуваат Божиќните пости . Вечерва во кругот на семејството ја поставуваме и бадниковата трпеза и го очекуваме раѓањето на нашиот спасител Исус Христос. Ова се тешки моменти кога вака големи празници поради пандемијата со корона вирусот ги славиме само во кругот на најблиските, но не е и со поширокиот круг на фамилијата и пријателите. Како треба правилно да се празнува, што е најважното за Бадник и Божиќ? Семејството, литургијата, хрананата, душевното… Токму на оваа  тема за ММС објаснување даде Отец Бобан Митевски.

ММС: Оваа година сме пред еден голем предизвик и состојба во која треба да истраеме и да бидеме крајно внимателни за да го зачуваме нашето и здравјето на најблиските околу нас. Но следуваат празниците на кои сите се радуваме и кои оваа година нема да ги прославуваме во поширок круг на пријатели и роднини, туку препораките се дека празнувањето треба да биде во кругот на најблиското семејство. Кој е ставот и препораката на МПЦ за празнувањето во време на корона вирусот?

Отец Бобан Митевски: Од појавта на ова сесветско искушение, Црквата истапува во јавноста со апели за почитување на препораките коишто ги прогласуваат здравствените власти. Таквата позиција произлегува и од евангелскиот принцип на љубов и грижа кон ближниот, како и од логичката поставеност на нештата. Во согласност со состојбата, годинава, како и за времето коешто е потребно, ќе изостане вообичаениот начин на празнување на празниците – со масовност, и празнувањето ќе се спроведе со почитувањето на мерките, како  со задолжителниот аспект, која е вистинската смисла на празнувањето, а тоа е богослужението, односно Литургијата.

ММС: Верниците ќе сакаат да ги посетат и црковните храмови, да запалат свеќа за здравје, да присуствуваат на литургија, но и да се причестат. Знеме дека секоја година интересот е голем, но како оваа година ќе биде тоа регулирано со оглед на препораките од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, дали можеби ќе има редари кои ќе воспостават ред?

Отец Бобан Митевски: Уште со прогласувањето на мерките, Црквата почна да ги спроведува и во храмовите. Во секој храм има истакнато апели за носење на заштитна маска, за држење на потребното растојание, поставени се пунктови за дезинфекција, а свештениците и вработените ја истакнуваат потребата за почитување на мерките. Секако дека верниците се добродојдени во храмовите, храмовите не се затворени за да не може да се пристапи во нив, богослужението никогаш не престана, така што може и да се учествува во него. Секако, со почитување на мерките.

ММС: Со што и како ќе ги замениме коледарите кои се симбол на Бадник и кои први го најавуваат раѓањето на синот божји?

Отец Бобан Митевски: Божик ќе се случи и за раѓањето на Спасителот, Господ Исус Христос, ќе се чуе. Црквата ќе разгласи од својата полноста со радоста што ја чувствуваме заради „остварувањето на ветувањето“. Од секој храм ќе се чуе преку црковната песна: „Со нас е Бог“. 

ММС: Многумина ќе се прашуваат за причеста и за златната лажичка со која многу верници ќе се причестат со леб и вино. Полемики имавме и околу Велигден кога исто така имаше вирус и имаше причест меѓутоа тогаш бројот на заразни и починати беше далеку помал од оваа бројка која ја имаме денеска, ќе биде ли спроведена причеста за Божиќ и како?

Отец Бобан Митевски: Најпрво, лажичката не е златна, може да е бојадисана во златна или сребрена боја. Некаде се користат посребрени заради карактеристиките на овој материјал. Црквата ниту некогаш имала, ниту може да има сомнеж околу причеста. Светото тело и крв Христови не можат да бидат извор на зараза доколку се пристапува со вера и соодветна подготовка.

ММС: Постојано сте со луѓе, како вие се штитите во време на корона, и дали верниците ги почитуваат мерките за заштита на здравјето во црковните храмови?

Отец Бобан Митевски: Лично особено ги почитувам предложените мерки, зашто сметам дека се потребни и се подвиг преку кои ги искажуваме нашето снисходење и нашата љубов кон секој човек. А и примерот што го даваме ние свештениците, е многу важен. Можам да кажам дека најголемиот дел од верниците се придржуваат и ги почитуваат мерките. И тоа се вистинските верници – кои пребиваат во послушание кон своите епископи и свештенослужители. Ќе потсетам дека Синодот на МПЦ досега неколкупати излегуваше во јавноста со соопштенија и апели за почитување на мерките.

ММС: Како најдобро да празнуваме во вакви услови, од една страна да ги почитуваме мерките, а од друга страна да дадеме почит кон духовното?

Отец Бобан Митевски: Почитувајќи ги мерките, ние вложуваме и во духовното, зашто, од една страна, растеме во послушанието кон Црквата која апелира да се почитуваат прогласите на здравствените работници, од друга страна се утврдуваме во љубовта, прокажана преку грижата за здравјето на ближните. Исто така, ова сесветско искушение е поттик да се погледнеме себеси, да ги видиме своите грешки и злото што го чиниме, зашто оваа состојба е директна последица на недобродетелното живеење на човекот, на ерозијата на моралот, на отуѓеноста од Бога и на човек од човек.  

ММС: Што е најважно да се има на Бадниковата трпеза, а што на Божиќната?

Отец Бобан Митевски: Светата Црква во својот типик/правило пропишува дека посниот период, доброволното лишување од конкретен вид храна, заради еден возвишен подвиг во послушание и воздржание, завршува, и настапува период кога на трпезата
користиме секакво јадење. Но ова не означува дека Црквата пропишала што точно да има. Тоа воопшто не е важно. Важна е духовната трпеза – нашето учество во задничкото дело на Црквата – Литургијата. Трпезата со храна мала смисла како продолжение на духовниот аспект: од заедништвото во духовното, сме се упатувале и во заедништво на трпезата. И со тоа се пројавувало еднодушието во верата, односно се остварувала заедницата. На трпезата поставуваме од тоа што имаме, внимавајќи повторно на скромноста и на воздржанието.

ММС: Што од обичаите кои луѓето ги спроведуваат, за време на овие празници се измислени од луѓето, а кои се според  православието? (паричка во лепче, бадниково гранче…)

Отец Бобан Митевски: Се случува некои традиции и обичаи да се провлекуваат од некое старо верување или да се обноват со текот на времињата. Некои се присвојуват од туѓи традиции, а има и новокомпонирани, кои демек зад плаштот на верата, а само заради конзумеризмот и сетилните наслади се прикажуваат како некаква православна традиција. Ако нешто е традиција, треба да има смисла зошто е така или да има некаква поврзаност, но повторно е важно да е духовна традиција. На пример бадниковото гранче сме го презеле од традицијата на соседен православен народ, а нема никаков историски контекст во преданието на Црквата. Паричката за Бадник исто така, додека леб со паричка за Василица е црковна традиција, зашто има смисла: се сеќаваме на чудото што се случило за време животот на свети Василиј Велики. Бадниковите огнови се врвот на засенувањето на духовната традиција со некаква адаптирана, која го истакнува сетилниот момент, но има потреба да се поврзе со духовното за да биде прифатена и авторитетна. Бадниковите огнови се, би рекол, духовен кич, зашто во време на пост, место да сме на богослужба, во тихование и смирение, во молитва, ние сме во амбиент којшто е спротивност на сето претходно наброено.

Посакувајќи има најмногу здравје на Вашите читатели во Новото Лето Господово, ги поздравувам со претсојните празници, просејќи од Бога благодат и благослов. 

Г.Д

Фотографија: Фејсбук и Screenshot Youtube

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1