ММС

Објавено на: 01/4/21 6:58 PM

(ФОТО) Улична уметност на тркала: Шарените минибуси неизоставен дел на Дакар

Шарено обоените минибуси познати под називот „кар рапиди“ во Дакар, главниот град на Сенегал, станаа неизоставен дел од јавниот превоз, а се сметаат и за „динамичен“ елемент на уличната уметност.

Минибусите се едно од најчестите превозни средства во сенегалската престолнина, а поради шарениот декор станаа и еден од симболите на најзападниот континентален град во Африка.

Поради нивната брзина на движење низ градскиот метеж, минибусите во Дакар ги нарекуваат „кар рапиди“, а нивниот најзанимлив дел се украсените стакла на прозорците.

Мотивите на минибусите најчесто се со религиски содржини, а натписите на нив неретко го откриваат општественото и политичкото милје од кое доаѓа сопственикот на превозното средство.

Како њујоршките жолти таксија или лондонските црвени автобуси, минибусите, кои стануваат симбол на Дакар, украсуваат многу сувенири, од приврзоци за клучеви до магнети, а се продаваат модели со различни величини.

Автобусите на јавниот превоз, што ги обезбедува градот, се недоволни да ги задоволат потребите на домашното население и туристите, затоа на секој крај од градот можат да се видат „кар рапиди“. Овие минибуси немаат официјални станици, туку низ градот се движат со отворени задни врати на кои патниците можат да влезат каде и да го сретнат возилото.

„Сави-Рено СГ2 фургон“, кој е произведен во Франција во ’60-тите, доби потполно ново лице кога дојде во Сенегал во 1975 година.

Овие возила, кои првобитно немаа прозорец и седишта, постепено станаа неизоставен дел од градот. Минибусите, со додатни и обоени прозорци и седишта во последната фаза, го попримија и денешниот назив „кар рапиди“.

Триесет и седумгодишниот Муса Диоп, кој уметноста за фарбање на минибусите ја научил од таткото на својот пријател, ги украсува превозните средства од својата 14 година.

„Ако внимателно погледнете, секој „кар рапид“ има траги од својот сопственик“, рече Диоп.

Еден „кар рапид“ е изложен во музејот во Париз во 2016 година, со ознака „ремек-дело на уличната уметност“.

Климата и удобноста за време на возењето се нешто што овие минибуси не го нудат. Нивната главна карактеристика е евтиниот и брз превоз, а патниците во текот на летните 45 степени Целзиусови се разладуваат со ветерот низ отворените врата и прозорци.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.