ММС

Објавено на: 01/2/21 6:03 PM

Земјоделските здруженија со различен став за откупот на тутунот

На почетокот на новата година има разногласие кај тутунарите како да се реши реалниот откуп на тутунот. Сојузот на тутунски здруженија и Иницијативниот одбор на тутунари пред Нова година излезе со став дека треба да се стопира откупот и да се повлечат поверениците. Остануваат и на ставот за протест во понеделник пред Владата. Од друга страна, денеска Сојузот на земјоделски здруженија реши да продолжи откупот со образложение дека тутунарите сакаат подобра динамика и дека времето за откуп истекува.

– На барање на Собранието на Сојузот на земјоделски здруженија одржавме состанок на кој се одлучи од понеделник и вторник поверениците да не се повлекувааа од откупните пунктови. Ова е затоа што огромен број тутунопроизводители се јавуваат и сакаат тутунот да го предадат, имаат останато тутун на пунктовите, да не им биде блокиран 10 дена, изјави претседателот на Сојузот, Менде Стомнароски.

Додаде дека времето е многу кратко за откуп на тутунот и оти тутунарите сакаат што побрзо да се откупи тутунот. Нивните барања се зголемување на динамиката на откуп, по можност откупните пунктови да работат и во сабота, да се укине проценката по шифри и тутунот да се откупува според класи.

– Бараме и вишокот тутун, околу 2,5 илјади тони, колку што може најбрзо да биде решен. Од 15 јануари да се делат картони за вишокот тутун за завршување на откупот, да биде преземен и да не остане неоткупен. На терен да биде линијата флексибилна, просекот да се зголеми, а поверениците да контролираат и сето она што е спорно, да биде за второстепената комисија, посочи Стомнароски.

Од Иницијативниот одбор на тутунарите се изненадени од ваквиот, нов став на Сојузот. Не знаат дали има притисок, но, оценуваат дека не се работи за поддршка на тутунарите.

Игор Мирчески од Иницијативен одбор на тутунарите е категоричен дека в понеделник ќе има протест пред Владата.

– Нашиот став како иницијативен одбор е веќе кажан дека одиме на протест в понеделник пред Владата. Изјавата на Менде Стомнароски од Сојузот дадена пред Нова година беше јасна и децидна, ја слушна целата јавност дека првиот работен ден по Нова година, откупот ќе запре до средбата со премиерот. Кажа дека е наша десна рака. Сега гледаме колку е десна рака на Иницијативниот одбор и дали стои на таа изјава и за неколку дена ја смени. Не знаеме дали е притисок од некого и не знаеме за кого работи, ама знаеме дека не работи во интерес на тутунарите. Тутунарите бараат протест, да запре откупот, да се реши ситуацијата, а ако на Менде Стомнароски му е во интерес да оди овој грабеж на народот, нека си носи одлуки во нивен и во интерес на откупувачите. Ние сме со интересот на тутунарите и одиме на протест да ги бараме нашите права. Јавно го повикувам премиерот во понеделник, за време на протестот, да не прими, да разговараме и да каже ако има решение за нашиот проблем. Одлагање на проблемот не е решение, изјави Мирчески.

Досега се откупени околу 6 300 тони тутун по просечна цена од 167 денари.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.