ММС

Објавено на: 12/31/20 2:27 PM

Катаклизмични призори од Кочанско Поле  – се бараат високи казни за неодговорните земјоделци

Поцрне Кочанско Поле, каде од пожарите што беснееја два дена, изгоре речиси една третина од полето или околу 100 хектари. Опожарени се ниви, лозја, овошни насади, а синоќа беа евакуирани жителите од една улица во селото Грдовци, до чии куќи опасно се приближуваше огнот.

Конечно, ноќеска во еден час по полноќ, огнот беше изгаснат. Кочанските пожарникари помогнати од колегите од Виница и Штип со десет противпожарни возила, без прекин ги гаснеа пожарите цели 23 часа. Покрај загрозувањето на човечки животи и материјална штета, црниот и густ чад од запалениот органски отпад на нивите го загадуваше и воздухот, а саѓите се разнесуваа на голема далечина.  За среќа, човечки жртви нема, а пожарникарите успееја да ги зачуваат и домовите на луѓето.

-Во средата најзафатено беше полето околу селото Прибачево и огнот се приближи до селото. Не дозволивме да бидат зафатени куќите. Синоќа огнот се приближи до околу сто куќи во Грдовци. Патот кон селото беше блокиран два часа, со цел да се овозможи побрзо движење на екипите кои гаснеа. Загрозени беа и неколку капацитети во индустрискиот ден, поради што речиси два часа го обезбедуваме теренот. Пожарот е локализиран, а наши екипи го контролираат теренот, изјави Благој Паунов, командир на Територијалната протипожарна едициница од Кочани.

Пожарот изби по палењето на стрништата на одделни земјоделци, што потоа со помош на силниот ветер, кој непрекинато дуваше два дена се претвори во огнена стихија. Вината се префрла кај неодговорните земјоделци, кои и покрај забраната, секоја сезона напролет и во есен ги палат ожнеаните ниви со ориз.

Вчера на терен излегоа и инспекторите.

-Државен инспектор за животна средина и инспектор за земјоделство ги лоцираа парцелите на кои гореа стрништа во Кочанско. На сопствениците ќе им биде изречена соодветна санкција. Казните за физичките лица кои палат стрништа се мали и несразмерни за штетите кои ги причинуваат. Потребна е и едукација за граѓаните и систем за собирање на отпад од нивите, како и посеопфатна контрола, соопшти Државниот инспекторат за заштита на животната средина.

Драматичните два дена во Кочанско ги алрмираа граѓаните, кои реагираа на загадувањето, трајното деградирање на животната средина и загадувањето на амбиенталниот воздух. Реакциите се дека и покрај бројните обуки за земјоделците, не престанува практиката на палење на стрништа од кои се прават ненадоместливи штети.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.