ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/30/20 1:41 PM

Верските лидери апелираат да се почитуваат мерките и да се празнува одговорно

Да се почитуваат мерките и да се празнува одговорно, апелираат поглаварите на црквите и верските заедници во земјава и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Даријан Сотировски по денешната средба во Клубот на пратениците во Скопје.

На средбата, како што соопштија од КОВЗРГ, покрај Сотировски присуствуваат и  Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Реисул Улема на ИВЗ х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на ЕМЦ Марјан Димов. Поради објективни причини отсуствуваше претседателот на ЕЗРМ г-ѓа Берта Романо Николиќ.

Со оглед на периодот што претстои верските лидери едногласно апелираат до граѓаните да се придржуваат до сите мерки за заштита од коронавирусот пропишани од здравствените власти, да не го губат трпението, затоа што во пресрет на имунизацијата одговорноста за контролата над вирусот е кај секој од нас.

– Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување дистанца и носење на заштитна маска, порачаа верските лидери.

На средбата се разгледани резултатите од истражувањето изработено од КОВЗРГ на јавното мислење кај младата популација. Верските лидери се согласни во следниот период да се формира група на пријателство помеѓу младите идни верски службеници, свештеници и имами со цел воспоставување на средина за нивно навремено запознавање и соработка, што е особено значајно за нашето мултиконфесионално општество.

Верските лидери на средбата разменија мислења по однос на реформите во основното образование и едногласно бараат од надлежното ресорно Министерство за образование вклученост на црквите и верските заедници во јавната дискусија по предлог измените во законот со цел зачувување и унапредување на наставниот предмет етика во религиите и заштита на правата на наставниците кои го предаваат, но и овозможување на децата настава по круцијалните научни дисципнини со избегнување на решенија кои согласно нашите општествени вредности не би биле соодветни.

Верските лидери разменија мислење и во однос на предлог Законот за заштита и спречување на насилство врз жената и предлог Законот за даноците на имотот, за кои со цел подобрување на законската регулација конструктивно ќе придонесат со предлози до надлежните предлагачи, соопшти КОВЗРГ.

 

 

Фото:

infomax.mk


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1