ММС

Објавено на: 12/29/20 7:17 PM

Штипски пожарникар доброволно тргнува за Петриња, да помогне по земјотресот во Хрватска

Штипскиот пожарникар Александар Ѓорѓиевски доброволно заминува да помогне по денешниот катастрофален земјотрес што ги погоди Петриња и други градови и села во Хрватска. Таму планира да им се стави на располагање на неговите колеги, хрватските пожарникари.

„Штипски таксист ќе ме носи до граница, а од таму со автобус на ’Хисар’ во 5 часот тргнувам таму каде што сум потребен, со чисто македонско срце. Газдата на ’Хисар’, Господ здравје да му даде, кога слушна за што го вадам билетот за Хрватска, ми овозможи бесплатен превоз.Бензинската ’Дади компани’ се погрижи за таксистот и ми среди бесплатен превоз до граница“, објави пред малку на својот Фејсбук-профил Ѓорѓиевски.

Претходно тој упати апел и други да се вклучат со помош.

„На нашите браќа Хрвати во овие тешки моменти да им пружиме помош која им е неопходна. Да не заборавиме како Македонци на 1963 година, кога по земјотресот во Скопје цел свет се обедини и ни’ пружи помош. Ајде и ние да бидеме хумани, да се упатиме кон Хрватска и да им помагаме на луѓето, кои сега се борат со урнатините и рамо до рамо да се здружиме да ги пребродат овие тешки мигови“, напиша Александар.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.