ММС

Објавено на: 12/29/20 4:45 PM

Министерот за надворешни работи на Албанија Гент Цакај поднесе неотповиклива оставка

Вршителот на должноста министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија Гент Цакај до премиерот Еди Рама поднесе неотповиклива оставка, пренесува Анадолија (АА).

Цакај на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека поднел неотповиклива оставка затоа што Албанија е на праг на предизборна кампања, а тој не планира да се кандидира за пратеник.

„По успешното завршување со претседавањето на ОБСЕ, отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ, вонредната работа на обезбедување место во Советот за безбедност во период 2022-2023 година, спроведување на низа мерки за подигнување на фактор без преседан на Албанците на западен Балкан, со оглед дека Албанија е на праг на предизборна кампања, каде не намерувам да се кандидирам за пратеник, сметам дека поглавјето на мојата служба на чело на албанската дипломатија е завршено”, порача Цакај.

Тој му се заблагодари на премиерот Рама на довербата и тесната соработка во „не баш лесни” околности за Албанија.

Премиерот Рама исто така ја објави оставката на Цакај и соопшти дека на негово место е поставена министерката за одбрана Олта Џака.

Гент Цака, Албанец од Косово, на функцијата министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија именуван е на 23 јануари 2019 година, заменувајќи го својот претходник Дитмир Бушати.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.