ММС

Објавено на: 12/29/20 11:41 AM

Магдалена ја љубам секој ден се повеќе- Ламбе Алабакоски за животот во Америка и носталгијата

Пејачот Ламбе Алабакоски до пред пет години имаше армија публика и обожавателки, а сега веќе е совесен сопруг, татко и бизнисмен. Со сопругата Магдалена и синовите Михаил и Димитириј  живеат во Детроит, каде, како што вели, веќе се навикна на животот во Америка, а уште повеќе на семејниот живот и одговорноста да се б иде родител. Ламбе и Магдалена го украсија својот дом и во семеен мир и спокој ги поминуваат новогодишните и божиќните празници. За ММС тој откри дел од неговиот живот надвор од сцената, но и призна дека животот во Македонија и неговата Преспа му недостасува.

Како се подготвувате за новогдишните и божиќните празници? Колку Димитриј и Михаил се радуваат на елката и новогодишната магија?

-Во овие денови секогаш и сите се радуваме и го чекаме одбележувањето на Христовото Рождество, како деца и сега како возрасни со различни очекувања и обврски околу нив! Елката ја поставуваме секоја година традиционално, а кога бевме во Македонија ја имавме и пештерата која го симболизира раѓањето на Исус. Тука немаме Божиќна пештера но се трудиме да се одржуваме во тој дух. Најголеми подарок за нас се децата и радоста околу нив.

Како е да се биде татко на два сина? Колку е тешко и одговорно да се биде родител?

-Навистина е радосно и истовремено одговорно да се биде родител, една благородна улога во животот . Тие се разлика пет години, па сега Михаил бара големи играчки а Димитриј сеуште не буди во ноќта за млеко.

Се навикна ли на животот во Америка?

-Да, се навикнав и како секој почеток така и тука не е лесно во секој поглед. Но, ќе кажам дека тука сум физички присутен ама срцето ми е во Македонија.

Што најмногу ти пречи и ти враќа носталгија за Македонија а што највеќе ти се допаѓа?

-За мене секогаш најмило и исполнето ќе ми биде во Македонија, таму се ми недостига, најмногу ближните пријателите и мојата публика ,слободното време, кое овде го нема. Тука е се испланирано и по една шема, а ние луѓето не сме роботи. Затоа тоа некогаш ни смета.

Со што се занимаваш и колку ти недостасува музиката?

-Моментално имам своја мала компанија за транспорт. Тука се се работи и нема застанување. Со музика се занимавам само приватно дома и со пријателите. Го завршив и факултетот, кој многу ми помага, но сепак подобро е да си свој газда на сопственото време и со своја фирма. Тука се има, но само слободно време не. Мојата сопруга како и повеќето работи од дома, прво како добра домаќинка и мајка, па професионално со нејзината професија како медицински кодер на софтвер или како ли се вика по наше!

Колку ти недостасува ергенскиот и естрадниот живот во Македонија?

 

-Ергенскиот живот не ми недостасува, но естрадата- да. Ми недостига, но сега сум со други приоритети во животот а музиката е во мене, таа не ми фали. Таа е како дар од Бога, а подоцна кога ќе се посветам на некој проект би и се вратил на сцената, како одолжување кон својата публика,која верувам созрева како и мене низ животот.

Се навикна ли на бракот со Магдалена веќе поминавте неколку критични години за бракот, како што велат дека била првата, седмата..?

-Да не звучи клише но мојата сопруга ја љубам секој ден се повеќе а верувам и таа мене. Децата го зацврстуваат бракот и заедно ги поминуваме сите искушенија и проблеми кои ги носи животот. Со Божја помош и Благословот на нашиот старец Партениј секогаш се трудиме да сме добри Христијани. Иако е тешко во овие времиња но сепак сме благодарни за се што имаме.

Колку е вистински американскиот сон, дека тоа што таму може да се стекне за неколку години, во Македонија не може за цел живот работа?

-Материјално во Америка може да се постигне многу и неможе да се споредува со Македонија ,секој сон има своја приказна. Ама ние сме за една златна средина, секако ако е возможна.

Ти се случило ли на плажа, да речеме во Флорида а да се збуниш дека си на Дупени бич?  Или се си има своја убавина?

-Хахах па не баш! Во Флорида имам добри пријатели и често сме со нив, но ние од кога дојдовме на овој континент живееме во Детроит. Досега сме посетиле 37 земји и сите имаат свои убавини и специфичности. Македонци има буквално насекаде од Аспен Колорадо до Њујорк и Дакота. Дупени бич, сепак за мене е најубава и посебна, како и цела Преспа.

И кажа ли на професионалното занимање со музика крај или, сепак, може нешто да се очекува од тебе?

-Како што споменав погоре, музиката е во мене и дел од мене но естрадата и сцената ќе почекаат за подобри времиња. Кога ќе можам целосно да се посветам. Имам некои планови и идеи за песни и проекти и некои понуди за соработка. Се во свое време! Им посакувам на сите во Македонија добри мисли, добро здравје и радост во срцата и верба во доброто бидејки секогаш победува! И уште сега ќе кажам:  Христос се Роди – Навистина се Роди!


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.