ММС

Објавено на: 12/29/20 10:22 AM

ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од попис со отпечатоци од прст, СДСМ порачува: Попис во 2021 по секоја цена

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од предлогот пописот да се спроведе со терминали за отпечатоци од прст, бидејќи како што велат, само на тој начин ќе се спроведе вистински попис и ќе имаме реална слика.

-Само со набавка на терминали со отчитување за отпечатоци од прсти ќе се попише резидентното население и ќе се направи дистинкција на резидентите од државјаните, односно луѓето кои поседуваат македонско државјанство но не живеат во државата. Апаратите за отпечатоци и така треба да се набават неколку месеци подоцна за локалните избори. Пописот е стратешка операција врз база на која произлегуваат податоци врз основа на кои се спроведуваат политики на државата на среден и долг рок. Токму затоа Заев да ја сфати сериозни оваа операција и да ги надмине внатрепартиските превирања во корист на Македонија, велат од партијата.

Од СДСМ пак одговараат, попис ќе има и блокадите нема да успеат. Порачуваат дека на пописот граѓаните не се изјаснуваат за партиска припадност, па оттука Мицкоски нема зошто да стравува дека и на пописот ќе изгуби.

– Ниту пак, пописот е гласање на недоверба на лидерот на ВМРО ДПМНЕ за Мицкоски уште повеќе да стравува.Мицкоски треба да знае, дека пописот е статистичка операција и оваа негова опструкција ќе биде поразена, зошто пописот не смее да зависи од волјата на политичките партии и лидери.Тоа беше концепт на ВМРО ДПМНЕ, во 2011 поради што и пропадна пописот, а со него и милиони евра на граѓаните. Граѓаните ги препознаваат и ги казнуваат штетните политики на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.