ММС

Објавено на: 12/28/20 10:49 PM

Значително ќе се зголеми бројот на вакцинирани Британци против корона: Неделава се очекува одобрување на Оксфордската вакцина

Британската влада во текот на следните денови ќе ја одобри вакцината против коронавирусот на Универзитетот во Оксфорд и компанијата Астра Зенека, со што се очекува бројот на вакцинирани луѓе значително да се зголеми веќе од првата недела на јануари. Надлежните веруваат дека оваа вакцина ќе доведе до големи промени, бидејќи нејзината ниска цена и лесното складирање ќе им овозможат на властите да извршат вакцинација многу побрзо – објави Financial times.

Спротивно на тоа, вакцината Фајзер-Бионтек мора да се чува на температура под минус 70 степени Целзиусови и може да се пренесе само четири пати пред употреба.

Повеќе од 60.000 луѓе веќе се вакцинирани во Велика Британија, но одобрувањето на втората вакцина е клучно за спроведување на владиниот план за вакцинирање на најранливите делови од населението до пролет.

„Медицинското регулаторно тело ги разгледува финалните податоци од клиничките испитувања во фаза 3 на вакцините на Универзитетот Оксфорд и Астра Зенека за да утврди дали ги исполнува строгите стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Некои научници ги критикуваа Оксфордскиот универзитет и Астра Зенека за начинот на кој ги објавија податоците за испитувањето на вакцините, обвинувајќи ги дека изоставиле некои важни детали. Кај едната група испитаници кои ја примиле првата половина од дозата, а потоа и целата доза, ефективноста на вакцината била 90 проценти, но во другата, каде што испитаниците примале две полни дози, била само 62%. Ефикасноста на вакцината подоцна беше потврдена во извештајот во медицинското списание „Лансет“.

Регулаторите на САД и на Европската унија претходно изјавија дека секоја вакцина која е ефикасна повеќе од 50 проценти веројатно ќе биде одобрена, но бидејќи многу конкурентски компании сега можат да се пофалат со стапка од над 90 проценти, зголемена е загриженоста дека пониска стапка на ефективност може да ги одврати скептиците од вакцинација.

Некои веруваат дека регулаторното тело може да ја одобри само првата доза на вакцината Оксфорд за да се обиде да создаде првичен имунитет кај населението. Таков план беше предложен и од поранешниот британски премиер, Тони Блер.

Во интервју за „Индипендент“, Блер тврди дека дури и првата доза самостојно може да „обезбеди значителен имунитет и дека целосната ефикасност ќе се покаже со втората доза два до три месеци подоцна, што е подолг интервал помеѓу двете дози одошто беше планирано претходно.

Доколку регулаторното тело потврди ваков подолг интервал помеѓу две дози оваа недела, тоа би можело да го отвори патот за побрза почетна вакцинација, а вторите дози да бидат произведени подоцна, со што навреме би се остварил планот за вакцинација.

Извршниот директор на Астра Зенека, Паскал Сориот рече дека според новите податоци покажуваат, нивната вакцина е подеднакво ефикасна како на Фајзер-Бионтек.

„Најдовме победничка формула за добивање на ефикасност, која по две дози е на исто ниво со сите други (производители)“, рече тој за „Сандеј тајмс“. Компанијата претходно објави дека нејзината цел е да обезбеди вакцини за земјите во развој и затоа има развиено евтини вакцини кои лесно можат да се транспортираат и чуваат во фрижидери на нормални температури.

 

Извор:  danas.rs


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.