ММС

Објавено на: 12/29/20 7:00 PM

Никогаш не сум добила подарок за Нова Година – Атиџе и годинава ќе кити смрека со памукчиња и бонбончиња

Журки, пеење, играње, делење подароци.., вака до минатата година се славеше доаѓањето на новото лето. Но, сега треба да седиме дома, само еднаш треба да седиме и тоа тешко ни паѓа. Никој од нас не помислува дека на светов има луѓе кои никогаш во животот не биле на дочек, ниту, пак, добиле подарок за Нова Година.  Една од тие е нашата хероина Атиџе Муратова, која стаса до Холивуд, но никогаш како што прилега не ја дочека годината, ниту, пак, како што вели, некој нешто и подарил на овој ден.

-Нова Година мене секогаш ме потсетува на нешто убаво, сметам дека треба да бидеме порадосни, здрави и живи. Оваа година ќе ми остане во сеќавање по короната, што толку многу не исплаши, но и по моите проблеми што си ги имав. А сакам во новата година да ми се исполнат неколку желби,  да си ги снимам песните и да ја досредам куќата. А што друго да си посакам. Па јас никогаш не сум била на дочек на Нова Година. Мене до сега дочеците ми поминувале како и секој ден. Разликата е што јас ќе скршев некое гранче смрека, па ќе ставев памукчиња и бонбони и така ќе ја накитев. Ќе ја направев како елка. Потоа ќе купев костени, ореви, јаболки, круши и со мајка ми ќе си направевме вечера. Нема струја во Бекирлија,  но имаме радио на батерии па со мајка ми ќе пуштевме музика и ќе игравме и пеевме. Така до полнок. И така беше секоја година, додека мајка ми беше жива. И секогаш кога ќе дојдеше новата година со мајка ми си велевме- ај па следната година да биде поубава, да бидеме живи и здрави,  вели Ариџе и додава:

-Јас во мојот живот никогаш не сум добила подарок за Нова Година.  А на мајка ми сум и купувала, понекогаш некое цвеќе, за да се израдува. Сум се радувала што други луѓе одат во ресторани, пеат, се веселат а ми било тажно што јас, која толку многу сум весела не го можам тоа. Но, ете такво е местото, Бекирлија е далеку и кај ќе одиш. И лани си бев во Бекирлија, си седев дома. И оваа година ќе си бидам во Бекирлија за Нова Година. Нека поминува ова коронава, па здравје догодина ќе славиме и Нова Година и Божик и Бајрам.  Се надевам дека догодина ќе се преселам во Дорфулија, ќе нема корона и ќе може кај мене во дворот да играме и пееме.  Се надевам дека догодина ќе имам вистинска елка и ќе ја накитам со лампиони.  Убаво е кога се празнува, кога луѓето се весели, вели Атиџе со надеќ.

Таа ги сака сите празници. Вели дека во нејзиниот дом секогаш се славел не само Бајрам, туку и  Митровден и Божик.

-Митровден се поклопува со нашиот празник Касим ден и се прави скоро истата трпеза. А Божик, пак,  го славиме за среќа. Вртиме паричка, па на кого му се падне, на тој ќе му дојде среќа таа година.  Обичаите за Божик не се муслимански ама Господ е еден за сите, не е важно како го викаат. На Бадник сме меселе лепче со паричка и потоа го делиме за нас, за куќата, за Господ и за кравата Шарка.  Има некои што не прават, но ние во Бекирлија сме правеле лепче со паричка за среќа, додава таа.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.