ММС

Објавено на: 12/28/20 9:06 PM

Во приватна лабараторија на државен трошок ќе се тестираат 260 вработени во Владата

Откако премиерот, Зоран Заев изјави дека не знае оти од СОЗР склучиле договор со приватна лабараторија за 260 PCR тестови, вечерва од Владата информираа дека сепак постои таков договор. Од владината прес-служба соопштија дека тестовите се неопходни за итните службени патувања за кои не постојат можности за закажување тест преку матичен лекар.

Владата може да набави вакви тестови единствено согласно Законот за јавни набавки, што е и направено на транспарентен начин, запазувајќи ја конкуренцијата на пазарот каде главен критериум е најниската цена. Од четирите компании, одбрана е најевтината понуда од 1.900 денари. Тендерот беше отворен за сите, и за Институтот за јавно здравје, а се пријавија само приватни лаборатории – се појаснува во владиното соопштение.

Тестовите што ги прави Институтот за јавно здравје се бесплатни за граѓаните, но не и за институциите на државата која ги плаќа по пазарна цена – појаснуваат од прес службата.

По реакциите на јавноста за оваа владина постапка,  Заев истакна дека првпат слуша за ваков договор со лабараторија, но додаде дека има причина зошто е склучен.

Имаме целосна доверба во Институтот за јавно здравје и во сите здравствени институции. Впрочем стотици илјади тестови се направени таму, и комплетно им веруваме на сите тие тестирања и сите здравствени постапки кои ги прават. Јавните институции се професионални, сега се мотивирани и лекарите и здравствените работници комплетно, тие покажаа херојство за кое со децении ќе зборуваме. За нас, државните институции се примат. Дури сум дал и свои коментари со целосна респект кон приватните институции во областа на здравството, мислам на големите болници, „Филип Втори“, „Систина“, „Промедика“, сите кои што постојат во државата, но подобро здравство од јавното здравство нема – додаде Заев.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.