ММС

Објавено на: 12/29/20 6:33 PM

Кифли, салата, месо и колачи, ќе го отруете организмот – Тања Турунџиева предлага здрава трпеза

Кифлички, руска салата, печено месо, разноразни колачи… – ова се само дел од „елементите“ што ја сочинуваат празничната трпеза која се актуелизира во овој период од годината. За волја на вистината сепак, овие јадења се подготвуваат според рецепти кои не вклучуваат многу здрави намирници, па за тоа колку нивниот вкус е пропроционален со нивното влијание врз нашето здравје разговараме со нутриционистката Тања Турунџиева. За  Македонски медиа сервис таа предлага алтернативни начини за подготовка на јадења што може да се најдат на трпезата за празниците, но објаснува и зошто е вообичаено да качиме некој килограм плус за време на студените денови.

-Се’ тоа што по традиција го правиме, се коси со здравата исхрана. Оваа исхрана води на пиедесталот на најлоша исхрана. Заситените масти од месото (уште полошо ако е пржено), белото брашно, белите шеќери, заситените транс масти кои ги има во руската салата, се нешто кое дополнително го оптоварува и го токсицира нашиот организам. Знам дека многу од вас, што ќе го читате текстот ќе ме осудувате за ова, но морам да истакнам дека дојде времето за промени. Иако мораме оваа година да ја дочекаме во кругот на потесното семејство, можеме да ги промениме традиционалните навики и на трпезата да изобилува здрава храна. Можете да си составите здрави мениа, кои ви се омилени исполнети со многу колоритни свежи салати. На тој начин ќе го зачувате вашето здравје, па макар и на три дена – порачува Турунџиева.

Дали и како можеме да најдеме алтернатива за некои од овие јадења (можеби да ги приготвиме со некои поздрави намирници)?

-За како алтернатива можат да се направат најразлични салати, специјалитети од риба или морски плодови, ќофтиња од леблебија или леќа, некоја вкусна турлитава…. Наместо руски, француски или крем салати, ставете свежи салати од цвекло, морков, бела трупка, дајкон, целер, марула и сѐ што може да се најде како свежо на пазарите. Знаеме дека секогаш за празници ја претрупуваме трпезата со многу храна, која потоа ни останува. Размислете дека може и со помалку храна да се помине низ празниците без потоа таа храна да се фрли. Како здрави благи работи може да се направат најразлични бомбици или торти од јаткасти плодови, суво овошје, мед, мелени ореви во коишто нема да има бели шеќери. На овој начин сепак ќе добиете здрава трпеза којашто дополнително нема да го оптовари вашиот имунитет, бидејќи во овој миг тој ни е најважен. Имунитетот се чува секој ден!

Кога е време да почнеме со детоксикација на оргамизмот? Како најлесно да го постигнеме тоа?

-Познати сме по традиција дека хедонистички се однесуваме кон храната. Трпезата мора да биде полна со сѐ и сешто. Многу од вас нема да се сложат со моето мислење за здраво мени, но никого не осудувам, критикувам или окривувам за тоа. Изборот си го прави секој самиот.
По направените прејадувања и препивања, задолжително да се направи детокс на организмот. Ако вечерта сте се прејале и препиле, утредента пробајте вашиот ден да започне со разновидно овошје коешто може да биде и блендирано во вид на смути, многу вода и природно цедени сокови. Не морате да имате обилен оброк повторно, туку оброците да ви бидат разновидни свежи салати. На тој начин, и тоа што сте му го сториле на организмот, како и што сте го токсицирале, побрзо ќе го детоксицирате, рехидратирате и доведете во метаболитичка рамнотежа.

Здравјето се чува секој ден, празниците не се исклучок. Секој ден може да ни биде празник, ако си ја направиме трпезата да ни биде убава и здрава.

Зимата е период кога сите стануваме попоспани, се чини како голем дел од луѓето да стануваат и помрзеливи. Како тоа може да влијае на нашето тело, дали може ова да доведе до дебелеење поради поголемо конзумирање на храна?

-Обично зимскиот период сме постатични, повеќе сме затворени дома, помалку внесуваме течности, а повеќе храна. Поради студот помалку излегуваме на свеж воздух. Забораваме  на прошетки и физичка активност, а се вадиме на ладното време. Во зимскиот период поради недостаток на сонце и сончеви денови, повеќето се жалат на променливо расположение, анксиозност, депресија… Факт е дека сонцето е извор на енергија, но и зимскиот чист воздух може да не’ освежи ако го дозволиме тоа. Повеќето од луѓето, бидејќи се затворени по дома посегнуваат по неконтролирано внесување на храна, индустриска исхрана, многу леб, благо.

Со зголемувањето на внесот на неквалитетни нутритиви, се зголемуваат и килограмите, се западнува во уште поголема фрустрација и незадоволство. Во такви моменти, секогаш препорачувам да се направи веднаш промена во начинот на исхрана, за да се зачува здравјето. Вишокот на килограми повлекува и други компликации и заболувања на нашиот организам, метаболизам и имун систем. Секаде во светот дебелината веќе добива третман на болест. Штом ќе забележите дека почнуваат да ви се зголемуваат килограмите, веднаш преземете нешто. Не го оставајте тоа за први, од понеделник или од среда како среќен ден. Во сегашната ситуација, може да биде и за некои работи доцна.

Дали недостигот на сончева светлина во овој период од годината може да влијае обесхрабрувачки за да бидеме физички активни, а „разјадени” во домашни услови. Впрочем, има ли некаква поврзаност помеѓу студеното време и желбата за храна?

-Изборот околу исхраната и начинот и стилот кон храната си го градиме самите себе индивидуално. Оправдувања можеме да најдеме 1001. Причини исто така. Но, треба навремено да се соочиме со проблемот, доколку гледаме дека почнуваме да креваме килограми и нездраво да се храниме. Храната може да биде наш лек или наш уништувач. Ако видиме дека килограмите се качуваат не треба да си наоѓаме 1000 оправдувања за да направиме промена. Тоа да го сториме под контрола на стручно лице, со одредени крвни испитувања, да воведеме физичка активност, доколку ни дозволува здравјето и да имаме сакана цел. Ние самите си избираме начин и стил на живеење. Секој индивидуално си е одговорен за своето здравје.

Што им препорачувате на луѓето кога станува збор за големите славења?

-Оваа година останете дома, во најтесен семеен круг, без групирања и забави. Условите налагаат така. Подгответе умерена трпаза со здрава храна. Ќе пројде пандемијата, ќе ја победиме… Да сме само здрави и живи!!! Посакувам на сите само здравје, среќа и убавини.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.