ММС

Објавено на: 12/28/20 4:18 PM

Правиме напори опозицијата да биде спокојна, ако можеме ќе набавиме пет илјади уреди за отпечатоци, вели Заев

Опозицијата е вклучена во Предлог законот за попис. Имаше работни групи од власта и опозицијата, директорот на Завод за статистика одржа неколку состаноци, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање дали предлозите на опозицијата се вклучени во новиот предлог закон.

– Имаме три категории на попишување, едната се вкупно граѓани, втората се граѓани резиденти – сите кои живеат овде или не се иселени повеќе од една година, а во третата категорија се попишуваат и граѓани кои се иселени на подолг период од една година. Така да, ова ја прави ирационална дебатата за етничка припадност, колкави се процентите и сл. Во поново време опозицијата даде предлог кој што е нов, да користиме отпечатоци, но не знам како ќе го користат тоа граѓаните кои се иселени? Правиме напори, министерот за правда веднаш стапи во контакт со донаторите да видиме дали може да обезбедиме донации, има амбасади кои развиваат преку 20 милиони евра поддршка за избори на државата, па замолуваме да одделат пет милиони евра да купиме пет илјади терминали за отпечатоци, кои освен за изборите ќе се искористат и за пописот. Правиме напори да и удоволиме на опозицијата, макар и да се користат за граѓаните што се тука. Тоа е флексибилно, но ако треба државата  да обезбеди пари, не можеме бидејќи буџетот е донесен а и постапките траат повеќе од 120 дена, рече премиерот Заев.

Пописот потенцира не е процес кој што ги обврзува политичките партии, туку е обврска на граѓаните.

– Државата во секој момент знае кои граѓани повеќе од една година не се тука, никој не може да лажира. Нема ниту ретроактивност, стекнати права се вечни права, вели Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара пописот да се спроведе со уреди за отпечатоци за прст, во спротивно велат пописот нема да биде реален. Заев пак вели попис ќе има на пролет и доколку опозицијата не го поддржи законот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.