ММС

Објавено на: 12/28/20 1:47 PM

Општина Карпош не ја најавила седницата на која ќе го носи буџетот, ниту пак дозволила да се вклучат граѓани, реагираат од Иницијативата О2

Иницијативата О2 реагира дека седницата на која општина Карпош треба да ги донесе сите програми и буџетот на 2021 година, не била најавена ниту на веб-страната на општината ниту пак на официјалните профили на социјалните мрежи. Велат дека на овој начин граѓаните не можат да се вклучат на седниците, иако тие се одвиваат онлајн на платформата ЗУМ. Дополнително иако тие како здружение побарале линк да се вклучат, истиот не им бил испратен.

– Седницата на Советот се одвива преку платформата ZOOM, значи виртуелно, поради ковид-19 состојбата. Како здружение на граѓани побаравме линк за пратење на седницата, на што градоначалникот Богоев ни одговори дека ќе ни биде испратен линк за вклучување, за вчера вечер, во недела, во 20:07 часот, да добиеме порака од претседателката на Советот на општина Карпош, Наташа Пеливанова, дека линк нема да добиеме, туку ќе треба да одиме во Козле, во просториите на урбаните заедници ПБК и КЈП и таму вработен од општината ќе ни овозможи техничка поддршка за следење на седницата. Значи да одиме физички во канцеларија, од која ќе можеме да следиме седница за зум линк.Сите советници, градоначалникот и други присутни ќе ја следат седницата на Зум од дома или од простории по свој избор, ама ние, граѓани, треба да одиме физички во одредени простории и таму под надзор да ја следиме виртуелната седница, велат од Иницијативата О2, потенцирајжи дека ова е само понижување на граѓаните.

Иако како што велат ваквото барање на општината не е уредено, линк за приклучување добиле од советник, но и покрај тоа не им било дозволено да се вклучат на седницата.

– По телефонски разговор со наша претставничка ѝ беше укажано дека ако ја следиме седницата како и сите други од простории по свој избор, во случајов од дома, постоела опасност да снимаме и повеќе граѓани да ја следат седницата.  Општината не само што не знае што значи транспарентност, туку е во страв она што тие самите треба да го објават за цела јавност да ја следи работата на Советот, некој да не го снима и објави. Само да напоменеме дека според законот за локална самоуправа, на расправата за буџетот на општината, присуството на јавноста не може да се исклучи, а општина Карпош го направи токму тоа, велат од О2.

Од таму ја оценуваат оваа ситуација како срам за општина Карпош и за нашите, како што велат, очигледно само декларативно демократски процеси, каде по секоја цена се прават напори јавноста да се исклучи.

За чии пари вие тоа расправате на тајни седници? Буџетите да не сте ги добиле во наследство? Од кого и зошто се плашите за вашите општински настапи да останат тајни и затворени за јавноста? Што имате да сокриете, прашуваат од Иницијативата и најавуваат дека ќе предложат законски измени со кои ќе се загарантира основна транспарентност во работата на Советот на општините/град Скопје.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.