ММС

Објавено на: 12/28/20 1:59 PM

ЕУ одобри 70 милиони евра за ран пристап до ЕУ ковид-19 вакцини за Западен Балкан

Европската Комисија соопшти дека усвоила пакет од 70 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА II), со цел да помогне во финансирањето на пристапот на партнерите од Западен Балкан до вакцините за ковид-19, набавени од земјите-членки на ЕУ.

Комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји рече дека акцијата е во функција на брз почеток на кампањата за вакција.

-Во текот на целата пандемија, ЕУ покажа дека го третираме Западен Балкан како привилегиран партнер. Продолжуваме да дејствуваме во овој дух и во случајот на вакцините, уште на почетокот преземајќи чекори за да се овозможи брз почеток на кампањите за вакцинација на критичниот персонал и најранливите групи во регионот. Брзата вакцинација ќе биде одлучувачка за ставање крај на пандемијата и започнување на социо-економското закрепнување на Западен Балкан“, рече Вархеи.

Пакетот ќе се исплаќа во форма на грантови кои ќе помогнат да се покријат трошоците за вакцините за приоритетните групи во регионот, како и за потребната опрема за вакцинација. Тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да набават голем број вакцини од Договорите за авансна набавка на ЕУ со шест производители, а одделни земји-членки на ЕУ ќе споделат дел од нивните претходно доделени дози.

Иако ЕУ продолжува да ја поддржува иницијативата КОВАКС, светскиот механизам за обезбедување правичен и универзален пристап до вакцините за ковид-19, кој го потпишаа сите партнери од Западен Балкан, испораката на вакцини според таа шема се очекува да започне подоцна од кампањи за вакцинација во ЕУ. Оттука, пристапот до одреден број дози од договорите за набавка за ЕУ ќе му овозможи на регионот да започне со вакцинација паралелно со земјите-членки на ЕУ.

Механизмот КОВАКС е столбот за вакцини од Акцелераторот за пристап до алатки за ковид-19 (АЦТ), глобална соработка за забрзување на развојот, производството и правичниот пристап до тестовите, третманите и вакцините за ковид-19. Досега е објавено дека над 870 милиони евра од ЕУ и земјите-членки на ЕУ се наменети за КОВАКС. КОВАКС има за цел да купи 2 милијарди дози до крајот на 2021 година, вклучително и над 1,3 милијарди за земјите во развој. Тоа ќе помогне да се развие разновидно портфолио на вакцини, да се преговара со различни добавувачи и да се опфатат различни научни технологии, времиња на испорака и цени.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.