ММС

Објавено на: 12/27/20 8:58 PM

Осумнаесет починати во дом за стари лица во Белгија по посетата на Дедо Мраз

Речиси 160 лица од дом за стари лица во Белгија се заразени со коронавирусот, а 18 починаа откако Дедо Мраз, кој подоцна испаднал позитивен на коронавирус, бил во посета на пензионерите.

По посетата на волонтерот облечен како Дедо Мраз, потврдена е заразата кај 121 штитеник на домот и 36 вработени лица, а ваквиот настан предизвика бес во цела Белгија.

Дедо Мраз инаку бил син на еден од штитениците во домот и често волонтирал таму. Три дена по неговата посета избила епидемија, а властите сите штитеници ги ставиле во карантин.

Она што дополнително го зголемило бесот на граѓаните е тоа што градоначалникот на Мол, Вик Кејерс, наводно се обидел да го скрие инцидентот, но фотографиите на кои се гледа дека Дедо Мраз се дружи со штитениците во домот, а се објавени на социјалните мрежи, го разоткриле.

Младиот волонтер на социјалните мрежи почнал да добива заканувачки пораки и живее во страв од напад.

Марк Ван Ранст, еден од најдобрите белгиски вирусолози, вели дека не мора да значи оти младиот волонтер е виновник за она што се случило во домот. Лабораториските тестови идентификувале четири различни врсти на вирусот во домот.

Ранст вели дека иако посетата „очигледно била глупава идеја“, Дедо Мраз можеби се заразил од штитениците или од некој од вработените за време на посетите.

Бидејќи поголем дел од вработените се заразени, градоначалникот побарал помош од Црвениот крст и од војската.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.