ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/27/20 7:27 PM

„Почнува победата над пандемијата“: EУ започна со координиран процес на вакцинација

Државите членки на Европската Унија започнаа со координиран процес за вакцинација на околу 450 илјади граѓани, а од утрово се вакцинираат луѓето од најризичните групи и медицинските работници.

Вакцините на Фајзер и Бионтек започнаа да стигаат во земјите на европската унија во петокот.

Во 27 држави на ЕУ се потврдени најмалку 16 милиони случаи со коронавирус и повеќе од 336 илјади смртни случаи.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека вакцината е испорачана до сите 27 земји членки.

– Денес почнуваме да вртиме нова страница по една тешка година. Вакцината е испорачана до сите земји членки на ЕУ, напиша фон дер Лајен на Твитер, потенцирајќи дека вакцинацијата е траен начин за излез од пандемијата.

Некои од земјите со вакцинација започнаа уште вчера, велејќи дека не се спремни да чекаат уште еден ден.

ЕУ осигурала договори за повеќе од две милјарди дози вакцини, наведува „Ви-Би-Си“.

 

Чешка: Прв вакциниран – премиерот

Во Чешка денеска започна вакцинацијата на граѓаните со првите 9.750 дози од вакцините на Фајзер и Бионтек, а премиерот Андреј Бабиш прв се вакцинира во Централната воена болница во Прага.

– Вчера ни стигна вакцината од ЕУ и се надевам дека ќе се вратиме во нормален живот, изјавил Бабуш.

Веднаш по него е вакцинирана Емилија Репикова (95), ветеранка од Втората светска војна.

 

Во Австрија пренос во живо од вакцинацијата

Првата вакцина со пренос во живо на јавниот сервис „ОРФ“, на Медицинскиот универзитет во Виена, ја доби Терезија Хофер, а по неа уште две жени и двајца мажи кои припаѓаат на ризичната група пациенти, на возраст измеѓу 80 и 93 години.

Хофер изјавила дека се вакцинирала бидејќи сака повторно да ги гледа своите внуци и правнуци.

Вакцинираните австријци истакнаа дека доброволно се пријавиле за вакцинација. Освен нив се вакцинирал лекар и една од медицинските сестри.

– Со вакцинацијата ја започнуваме победата над пандемијата, истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц.

 

Започна вакцинацијата и во Италија, за Конте ова е историски ден

Три личности се прво вакцинирани против ковид-19 до Италија, пренесува агенцијата „Анса“.

Една од нив е директорката на лабораторијата во Националниот институт за инфективни болести, професорката Марија Розарија Капобјанки. Отако ја примила вакцината изјавила дека се чувствува одлично и дека волонтирала да ја добие вакцината со цел да испрати порака до граѓаните дека треба да веруваат во науката.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте на Твитер порача дека „ова е историски ден и вакцината ќе овозможи конечна победа над коронавирусот“.

 

Во Словенија вакцинација во домовите за стари лица

Веднаш по пристигањето на првиот контингент од 9.750 дози од вакцината на Фајзер и Бионтек во Словенија, денеска започнува вакцинација во домовите за стари лица ширум земјата.

Пристигнатите вакцини се пратени во Националниот институт за јавно здравство од каде што ќе бидат дистрибуирани до локалните здравствени домови кои ќе ја спроведат вакцинацијата во домовите за стари лица.

По вакцинацијата на штитениците и вработените во домовите за стари лица, ќе бидат вакцинирани и медицинските работници.

 

Првата вакцинирана во Хрватска е 81-годишна жена

Во Хрватска денеска започна вакцинацијата а прва личност што ја прими вакцината е 81-годишната Бранка Аничиќ, од дом за стари лица.

На почетокот на вакцинацијата присуствуваа хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, министерот за труд Јосип Аладровиќ и директорот на Заводот за јавно здравство, Крунослав Чапак.

Аничиќ по вакцинацијата изјавила дека не почувствувала ништо и повикала сите да се вакцинираат.

– Треба да се вакцинираме поради нашите семејства, заради нас самите и за постарите луѓе. Тоа е единственото решение за да можеме нормално да живееме како порано и да уживаме во сите активности, река Аничиќ, а пренесува „Индекс“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1