ММС

Објавено на: 12/27/20 1:04 PM

ЗНМ и ССНМ реагираат: Недозволиво е пратениците да ги омаловажуваат и етикетираат новинарите на Телма

Од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осудуваат и го сметаат за недозволиво политички партии и нејзини пратеници да етикетираат и омаловажуваат новинари, како што во изминативе неколку дена се прави кон вработените во телевизија Телма од страна на партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивни пратеници.

Реагираат дека јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура.

– Јавното етикетирањето на телевизијата како „купена од власта и режимска” и слични други политички конотации и навреди упатени од страна на партиите и политичарите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кон вработените во телевизијата, ССНМ го смета за директен притисок врз слободата на изразувањето, работата на медиумите и нивната уредувачка политика. Дополнителна тежина на тоа дава и фактот што за етикетирањето е употребена собраниската говорница што според ССНМ е злоупотреба на Собранието за вршење притисок и омаловажување на медиум, во случајов телевизија Телма.Во таа насока ССНМ бара од првиот човек на Собранието во иднина да реагира на вакви притисоци и напади врз медиуми изговорени од собраниската говорница со оглед на тоа што во Кодексот на пратениците јасно стои: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство”, се вели во соопштението од ССНМ.

Според ЗНМ ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет.

– Правото на политичка дебата и правото на слободата на изразување, посебно во Собранието на РСМ се важни начела преку кои се очекува пратениците преку аргументи и конструктивни дебати да носат квалитетни закони. Злоупотребата на овие права од страна на политичари за јавна пресметка со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, го дисквалификува новинарскиот дигнитет на професионалните новинари и дополнително, демонстрира политичка некултура во јавниот дискурс. Апелираме до пратениците и сите политички чинители дека доколку сметаат дека одреден медиум ги крши професионалните стандарди, секогаш можат да поднесат претставка до Советот за Етика на медиумите во Македонија и до Советот на честа при ЗНМ. Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде ниту под притисок на политичарите, ниту под притисок на сопствениците на медиумите. Бараме новинарите да бидат настрана во пресметката на бизнис и политичките интереси, единствено водејќи се од начелата за професионално и етичко известување и од јавниот интерес, велат од ЗНМ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.