ММС

Објавено на: 12/26/20 6:36 PM

Пратениците расправаат за Предлог-законот за рамномерен регионален развој

Пратениците попладнево во рамки на 26-та собраниска седница расправаат по Предлог-законот за рамномерен регионален развој, во прво читање, кој е со европско знаменце.

Заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски информира дека Законот за рамномерен регионален развој е подготвен во согласност со Програмата за работа на Владата за периодот 2020-2024 и со Националната програма за усвојувањето на правото на Европската унија (НПАА) 2019-2021.

Предлог-законот го подготви Министерството за локална самоуправа. Целта е да се унапреди правната и институционална рамка на политиката за рамномерен регионален развој, во функција на ефикасно користење на средствата за поттикнување на рамномерен регионален развој, утврдени во Буџетот и балансирање на развојот на целата територија на државата.

Се предлага воведување нова програма за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност, која ја спроведува Министерството за локална самоупрва, со цел зголемување на ефикасноста на политиката, финансирање на чинителите на политиката, како и зголемување на опфатот на корисниците на проектите кои ќе бидат поддржани од програмата.

Според пратениците од СДСМ, добро е што се прави ова и генерално локалната самоуправа, како Министерство, ќе добие поголемо значење и ќе ги координира сите инвестици што ги прави Бирото за регионален развој и локалната самоуправа, вклучително и сите министерства.

Пратениците од опозицијата во текот на расправата укажуваа на недостатоците во предложениот текст. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека начинот на носењето на овој Предлог-закон кој, како што рече, обработува битна регулатива, е уште еден знак за потценувањето на Собранието и на општините.

-Да беше пристапот на Владата кон Собранието поинаков, преку матичната комисија за локална самоуправа во Собранието ќе се организираше поширока јавна расправа. Ќе се поканеа претставници на ЗЕЛС, претставници на општините и ќе имавме многу подобар законски текст од понудениот, рече Милошоски.

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека повторно се злоупотребува европското знаменце, а со овој Предлог-закон се усогласува само еден член, членот 7 од прописот на ЕУ.

Овој ист член 7, нагласи е веќе усогласен во вкупно 22 члена од предложениот закон – истакна пратеничката.

Таа напомена дека се работи за нов закон и додаде оти најголем број членови во него не се усогласуваат со прописот на ЕУ.  Стојановска укажа дека претседателите на планските региони во земјава не се вклучени во донесувањето буџет, во поднесувањето амандмани за него, како и во оценување на поднесени и останати амандмани. Според неа, токму тие најдобро ги знаат потребите за развој на регионите.

Пратениците се на пауза, а со работа треба да продложат во 18 часот, најави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.