ММС

Објавено на: 12/26/20 2:44 PM

(ВИДЕО) Атанасов: Се сомневам дека ќе имаме успешни реформи

„Голем проблем е што нема суштински промени. Ако зборуваме само за оваа идеја и проект на група професори кои се ангажирани од Министерството за образование и наука, можеме да најдеме и добри и слаби страни. Јас зборувам општо за целиот процес на образование“, изјави професорот и поранешен заменик министер за образование и наука, Петар Атанасов.

Има многу работи кои не се прават а за кои јас сум се залагал, вели Атанасов. Укинувањето на екстерното го препишува на СДСМ. А во однос на најавената концепција Атанасов вели дека идејата има многу пропусти.

„Владата на Зоран Заев и ССМ го блокираше профункционирањето на Академијата за наставници, кои требаше да ги обучува наставниците на посовремени методи. Но не се создаде ништо ново, никој не зборува веќе за анонимните партиски директори од мали и големи политички партии кои ги водат главните образовни институции. Јас не видов директорот на Бирото за образование да излегува и дебатира со стручната фела. Институциите се партизирани, немаат капацитет, не се компетентни и она на што сме последно сведоци еве последниве недели, за што и јас дадов неколку интервјуа и изјави, јавноста и стручната фела не ја прифаќа оваа идеја со концептот. Значи има многу слабости идејата. Јас се надевам  дека се земени во предвид осумте нивоа на компетентност за што се залага науката, но и тука има исто така различни нијанси и нивоа. Но, кога зборуваме за  основните компетенции, за писменоста, природните науки и за вредностите во образованието, во ова последното лончињата се измешани. Јавноста со право реагира за ставање настрана на предметот историја во еден важен момент за државата, кога ние се бориме за сопствениот идентитет и за нашата промоција во европските нации“, изјави Атанасов.

Потребно е, вели Атанасов, за промени да имате подготвен тим, но пред се треба да имате поддршка од стручната фела, треба да имате добри институции кои ќе ги спроведат реформите.

„Еве, оваа идеја која што се нуди од овие неколку педагози, кој ќе ја спроведе оваа идеја? Јас се сомневам дека ќе има успешни реформи! Кои институции тоа ќе го спроведат, кога нашите институции се руинирани и партизирани, кога Владата не одвојува финансии за образованието“, изјави Атанасов и додава дека со години нашиот процент за образование е од БДП од 3.4% до 3.6%,  со тоа нема реформи без финансии над 4.5%.

Атанасов препорачува идејата подолго време да се разработи, истовремено да се работи на дигитализацијата и да се обрне внимание на квалитетот на образованието за време на пандемијата.

„Во овој момент јас навистина би препорачал да се стишаат духовите, оваа идеја малку подолго да се разработи. Но, пред се, МОН и образовните институции да се бават повеќе со дигитализацијата, со квалитетот на образованието за време на пандемијата кој е страшно опаднат. Што се однесува до наставниот план и наставните програми нека се оди предмет по предмет. Нека се оди најпрвин со мајчин јазик за да се види зошто нашите деца читаат без разбирање. Каде се всушност проблемите со меѓународните тестирања? Потоа да се обрне внимание на природните науки“, вели Атанасов.

Во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, МОН ги укина двопредметните студии на Факултетот за природни науки, каде што наставниците се обучуваа за математика, физика, информатика… значи имаше двопредметни студии на природни науки каде што тие наставници денеска апсолутно би влегле веднаш во спојувањето на предмети по природни науки. Не се согласувам со идејата три до четири наставници да предаваат во рамките на еден предмет. Ќе се направи хаос. Овие деца се мали и се нежна категорија. Треба да се обрне многу поголемо внимание на обуката и подготвеноста на наставниците, изјави Атанасов за „Стадион“.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.