ММС

Објавено на: 12/26/20 9:02 AM

Утрово прекината 20-часовната собраниска расправа за законот за спорот Влада-Макпетрол

Собранието по повеќе од дваесет часа утрово без гласање ја прекина расправата по  Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка. Дваесеттата седница на чиј дневен ред е овој Предлог-закон ќе биде дополнително закажана.

Ова законско решение предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.

Во текот на расправата која траше и изминатата ноќ, пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон. Тие сметаат дека предложеното законско решение е еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

Според нив, не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее, нагласија, Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори. Повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство, е недозволиво, посочија пратениците од опозицијата, а институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба. Тие очекуваат претседателот да се одважи и да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.

Во вчерашната расправа, во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1500 денари за акција, а сега во моментов е 12 500 денари.

-Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво, рече Бектеши.

Пратениците од партијата на власт во дискусиите истакнаа дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници и оти покрај гасоводот во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.