ММС

Објавено на: 12/25/20 7:18 PM

Тетовското музичко училиште одбележа 70 години постоење

Државно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец” од Тетово вечерва со свеченост одбележа 70 години од постоењето. Со симболична приредба беше одбележан јубилејот на кој настапија учениците од основниот и средниот оддел, како и веќе познати музичари кои се образувале во тетовското музичко училиште.

– Јубилејот на училиштето 70 години од неговото постоење претставува убава можност да се осврнеме на минатото и со гордост да се потсетиме на најзначајните датуми од неговото постоење. Тоа е обврска кон целата низа генерации кои го завршиле ова училиште, како и кон членовите на колективот кои ја облагородија средината во која работеа со својата посветеност и ентузијазам. Истовремено, ова навраќање треба да биде патоказ за следните генерации ученици и професори, истакна во пригодното обраќање професорката Соња Андонов.

Министерството за просвета на Народна Република Македонија на 6 јануари 1950 година испратило согласност, по што на 1 февруари 1950 година училиштето се формира со решение на Народниот одбор на општина Тетово. Со ова училиштето е меѓу првите музички училишта во Македонија.

– Наставата започнува на 1 март 1950 година во истиот објект во кој се наоѓа и денес. Училиштето, поради одредени недоразбирања со Општината, на крајот на  учебната 1961/62 година се затвора. После пет години, на 6 ноември 1967 година, на иницијатива на група граѓани, во Собранието на општината се формира комисија за повторно отварање на училиштето. Од 1 февруари 1968 година училиштето е повторно отворено и непрекинато работи до денес, посочи Андонов за историјатот на училиштето.

Училиштето од 1968 до 1980 година работи во истата зграда со тогашниот Пионерски дом, а од 1980 до денес, повторно е во објектот каде што првпат започнало да работи. На 8 декември 1991 година, по повод празникот посветен на Свети Климент, свечено е отворена новата концертна сала, датум кој од тогаш се одбележува како патронен празник.

Од 2001 година училиштето го додава името на композиторот академик Тодор Скаловски – Тетоец, основоположник на музичкиот живот во Македонија по Втората светска војна. Од 2004-та година во училиштето покрај основниот оддел, започнуваат да работат и паралелки за средно музичко образование.

 

 

 

Фото:

mia.mk / Александар Самарџиев


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.