Албанската Влада се „смилува“: Во Пустец ќе се гради водоводна мрежа
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/23/20 12:49 PM

Албанската Влада се „смилува“: Во Пустец ќе се гради водоводна мрежа

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во албанскиот парламент, Васил Стерјовски, успеа во напорите албанската Влада да издвои средства за изградба на водоводна мрежа во општината Пустец.

Ова следи по острите забелешки на Стерјовски искажани на пленарната седница на Парламентот на почетокот на ноември, дека општина Пустец е единствена општина за која албанската Влада со буџетот за 2021 не планира никаква инвестиција.

– Со жалење забележувам дека во Нацрт – буџетот за 2021 година, единствена општина во која не се планира да се инвестира е општина Пустец, каде жителите на македонската заедница немаат основни услови за живот, како што е снабдувањето со вода за пиење, канализација, асфалтирање на рурални патишта, редовно снабдување со електрична енергија итн., рече тогаш Стерјовски.

Тој денеска од собраниската говорница на пленарната седница на Законодавниот дом се заблагодари за издвоените средства од страна на Владата.

– Во име на македонската заедница и општина Пустец, и од мое лично име, изразувам благодарност до Владата и премиерот Еди Рама за фондот од четири милиони евра за финансирање на долгоочекуваниот инфраструктурен проект за водоснабдување на сите населени места во општина Пустец, рече Серјовски.

Исто така тој посебна благодарност упати и до кординаторот на парламентарната група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, кој посредувал за овој фонд со одговорните во Владата.

-Со овој проект, во 2021 година, околу 5.200 жители на општина Пустец ќе имаат 24 часа вода за пиење. Три децении Македонците во областа Преспа се соочуваа со недостиг во снабдувањето со вода за пиење. Некои ја напуштија областа, изгубија надеж дека властите можат да го решат овој витален проблем за живот и работа. Верувам дека Владата ќе инвестира во изградба на водоводи во село Врбник и областите Голо Брдо и Гора, посочи Стерјовски.

Нагласи дека локалната власт на Пустец има подготвено проект кој се очекува да почне со реализација следната година, со што жителите на оваа македонска општина еднаш засекогаш да го надминат тридеценискиот проблем.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7