ММС

Објавено на: 12/22/20 4:30 PM

Оставката на Бојан Лазаревски е поднесена пред да биде назначен за в.д. директор на Агенција за филм

По денешната реакција на Државната комисија за спречување на корупцијата, Владата соопшти дека на вчерашната седница ја констатирала оставката на Бојан Лазаревски од функцијата член на Управниот одбор на Агенцијата за филм.

Оставката на Лазаревски, се наведува во соопштението од владината прес-служба, е поднесена неколку дена пред тој да биде назначен за в.д. директор на Агенцијата за филм. Оттаму, се посочува, во конкретниот случај не постоела никаква можност да настане кумулација на функции.

– Имено, пред вчерашниот ден Лазаревски не презел ниту можел да преземе било какво дејствие во својство на директор, особено имајќи предвид дека тој не е впишан како овластено лице во Централниот регистар на Република Северна Македонија. Со други зборови, во конкретниот случај не постоел никаков ризик од кумулација на функции. Прво, Лазаревски дал оставка од својата претходна функција пред да биде назначен за друга. Второ, Владата на Република Северна Македонија донела решение со кое ја констатира неговата оставка, односно го разрешува од функцијата на член на Управниот одбор на Агенцијата за филм пред тој ефективно да ја преземе функцијата на в.д. директор, се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Владата на Република Северна Македонија, се додава во соопштението, постојано инсистира на задржување на највисоките стандарди при назначување на функционери и оттаму, состојбите на кумулација на функции се далеку од прифатливи.

– Владата и владините тела внимателно ги испитуваат сите релевантни факти пред дадено лице да биде назначено за функционер, се потенцира во соопштението од прес-службата на Владата.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.