ММС

Објавено на: 12/21/20 8:24 AM

Претседателот на Собранието на Турција во посета на земјава

Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, денеска и утре ќе престојува во посета на земјава во рамки на одбележувањето на 21 Декември, Денот на турската настава.

Шентоп денеска ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа заедно ќе присуствуват и ќе имаат обраќања на официјалната прослава по повод 21 Декември – Денот на турската настава во Скопје. Претседателот на Големото национално собрание на Турција се очекува да се сретне и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Во интервју за МИА претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Шентоп истакна дека во Северна Македонија разни етнички и верски заедници со векови живеат заедно во мир и во благосостојба, и оти тие во Турција со задоволство гледаат на ова. Различностите се извор на богатство на една земја и гледано од тој аспект, додаде тој, Северна Македонија е една од најбогатите земји, не само на Балканот, туку и во светот. Воедно, вели Шентоп, особено е за поздравување фактот што нашата земја ова, како што потенцира, бесценето богатство го зачувува и со устав и законски регулативи.

– Гледаме дека со Охридскиот Рамковен Договор од 2001 година и со Законот за јазици прифатен во 2008 година се потврдува правото на образование, со што се овозможува образование на албански, турски, ромски, српски, босански и влашки јазик. Турската заедница во Македонија, од која и јас потекнувам, е мошне задоволна од користењето на ова право и тоа задоволство го изразуваат во секоја прилика. Имено, особено сме горди кога од нашите пријатели во Македонија слушаме за тоа дека колку квалитетно образование на турски јазик им се нуди на нашите браќа низ цела Македонија, на чело со училиштето на Турската Фондација Маариф кое се наоѓа во Тетово, рече претседателот на Големото турско собрание.

На 21 декември 1944 година во рамки на тогашната Федеративна Република Југославија одново е дозволено образование на турски јазик и овој датум е прифатен како национален празник на Турците во Македонија и Ден на турска настава.

Во рамки на обележувањето, во Скопје, ќе се организираат низа настани, а првиот е церемонијата организирана од страна на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) на која ќе им бидат врачени наградите на оние кои дале придонес за делото составено од приказни, есеи и поезии, произлезени од „Онлајн работилница на писателство 2019-2020″ организирана од страна на Сојузот на писатели на Евроазија и Сојузот на писатели на Балканот, со поддршка на ТИКА. Воедно ќе им бидат доделени награди и на учениците и студентите добитници на натпреварот по поезија, проза и цртање со наслов „Туркофонскиот свет соединет со турскиот јазик” организиран од страна на МАТУСИТЕБ и Институтот Јунус Емре. Потоа ќе следи панел дискусијата со наслов „Ретроспективна евалуација на историскиот контекст на турското образование во Северна Македонија: минатото, денешницата и иднината” на која свои излагања ќе имаат значајни експерти.

Попладне во Куршумли Ан ќе биде отворена изложбата „Турското стреличарство низ историјата”, а потоа ќе следи панел дискусија организирана во Меѓународниот Балкански Универзитет со наслов „Духовното наследство во Румелија”.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.