ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 12/19/20 8:52 AM

Советот на ЕУ не ги усвои заклучоците за „погрешно толкување на историјата”, бугарските барања излегуваат од параметрите

Заклучоците за проширувањето на ЕУ со формулацијата за „погрешно толкување на историјата” вчера не беа усвоени од страна на Советот на ЕУ, по блокадата на Чешка и Словачка. Овие две земји обвинија дека оваа реченица е еднаква на „фалсификување на историјата” и потсетија дека не е на ЕУ да суди како се идентификува една земја, ниту кој јазик го говори и предупреди дека ваква реченица претставува опасен преседан за процесот на проширување понатаму, поради што тие не се во можност да дадат согласност за овие заклучоци.

Дипломатите во Брисел, како што јави дописничката на МИА од Брисел, не паметат кога последен пат годината завршила без заклучоци за проширувањето на ЕУ, но по вчерашниот амбасадорски состанок е извесно дека овој пат тие нема да се усвојат, откако Чешка и Словачка оценија дека текстот оди предалеку во мешањето на билатералните спорови.

По месеци напорни дискусии со Бугарија околу вметнувањето на параграф кој гласи дека Договорите со Грција и Бугарија треба да им стават на крај на барањата поврзани за „погрешното толкување на историјата”, германското претседателство попушти на почетокот на оваа недела и прифати да се внесе реченицата. Иако до последен момент амбасадорите мислеа дека работата е завршена се огласија шефовите на чешката и словачката дипломатија вчера и побараа да се блокираат овие заклучоци сѐ додека прашањето не биде дебатирано на министерско ниво.

Според дипломатите во Брисел, барањето на Чешка и Словачка не е примено со незадоволство и се изразува разбирање за нивниот став, освен во Софија.

Следниот состанок на кој ќе се разговара за проширувањето ќе биде идната година, под португалско претседателство, но за сега нема индикација кој ден точно тоа ќе се случи.

Дипломатите, исто така, предупредуваат дека Бугарија треба „повнимателно” да се однесува бидејќи и самата бара приклучување кон Шенген зоната, за што би можела да биде условена со „конструктивно” однесување. Однесувањето на Бугарија ги шокирала и европските и американските партнери, надежта во Брисел е дека страстите ќе се смират во Софија од идната година.

Во однос на Чешка и Словачка, кои не се согласија со заклучоците за проширувањето, Пендаровски синоча рече дека се слушнал со двајцата амбасадори и изразил огромна благодарност.

– Чешка и Словачка рекоа што рекоа и го блокираа предлогот на Германија. Ние не сме дел од таа дебата, не сме членка. Вчера разговарав со двајцата амабсадори и изразив огромна благодарност, но сепак тоа е за нивна одбрана, не наша, рече Пендаровски.

Бугарија од своја страна, изрази жалење што заклучоците на Советот на ЕУ за процесот на асоцијација и стабилизација беа неочекувано блокирани од две земји-членки без образложение. Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да ги продолжиме нашите напори за постигнување консензус за проширувањето, соопшти во четвртокот бугарското МНР.

– Бугарија ги одобри заклучоците на Советот за време на состанокот на КОРЕПЕР II на 16 декември, при што германското претседателство постигна консензус. На инсистирање на Бугарија, во заклучоците беше додадена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција и дека нивното спроведување ќе стави крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата. За време на состанокот, заклучоците беа одобрени од сите, се вели во соопштението од бугарското МНР.

Ветото на заклучоците на Советот, според официјална Софија, носи ризик да ја поткопа довербата на ЕУ и да ја спречи Унијата да ги испраќа потребните сигнали до Западен Балкан за стимулирање на неопходните реформи што земјите кои сакаат да се приклучат на Унијата мора да ги преземат.

МИА

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1